„Воман ин тех – Македонија“ ја најавува втората конференција за дизајнери, која ќе се одржи на 15 октомври, со почеток од 12 часот, во просториите на „Нетавиле“, ул. Никола Тесла бр. 9, Скопје. На оваа конференција ќе бидат присутни искусни дизајнери, кои ќе го споделат своето искуство: Илија Бојчовиќ Сениор ќе зборува на темата „ЈуИкс недоразбирања“, Лазар Николов на темата „Дизајнирајте за вашите корисници, а не за вашите идни работодавци“, Катерина Димитриоска ќе се осврне на темата „Дизајнирање кориснички искуства за аугментирана реалност“, а Дејан Милосавлески ќе зборува на темата „Како да се имплементира висококвалитетен ЈуИкс дизајн во нискобуџетни проекти“.

Конференцијата е отворена за сите.
– Многу нѐ радува што првата конференција помина со огромен интерес, при што бевме сведоци на над 3.000 слушатели онлајн, додека во живо, поради ограниченоста на просторот, беа присутни седумдесетина слушатели. За оваа конференција очекуваме да продолжи интересот. Секако, во иднина би сакале да обезбедиме и поголема киносала, за да можат да бидат присутни сите заинтересирани. Ги покануваме сите заинтересирани компании во поддршка на оваа иницијатива да се вклучат и да успееме во креирање уште подобри едукативни содржини за нашата ИТ-заедница – изјави Моника Ризовска, амбасадорката на „Воман ин тех“ во Македонија.
Оваа заедница редовно организира отворени бесплатни настани за да се намали јазот и да се зголеми познавањето на технологијата, првенствено за девојки и жени, но и за сите други заинтересирани.