Редок римски мозаик, стар 1.600 години, е пронајден недопрен во централна Сирија. Мозаикот од 20 x 6 метри е пронајден под зграда во градот Растан, во близината на Хомс, кој беше под контрола на бунтовниците во граѓанската војна до 2018 година. Овој мозаик прикажува митски сцени, вклучувајќи ја и Тројанската војна, и се смета за најреткиот од ваков вид.
Многу од археолошките богатства во Сирија се оштетени за време на десетгодишната војна, но последното откритие е опишано како најважно во археологијата од почетокот на конфликтот во 2011 година.
Пред нас е откритие што е ретко на глобално ниво – изјави за АП Хаман Саад, висок функционер во Генералниот директорат за музеи и антиквитети во Сирија. Тој додаде дека мозаикот е богат со детали и го прикажува римскиот бог Нептун со неговите 40 љубовници, како и Херакле како ја убива амазонската кралица Хиполита.
Растан беше упориште на бунтовниците и место на интензивни борби сѐ додека не беше заземен од сириските владини сили во 2018 година.
Сирија се смета за ризница за археолозите, бидејќи е дом на некои од најдобро зачуваните реликвии на древните цивилизации, вклучувајќи ги џамијата „Омајад“ во Дамаск и античкиот град Палмира. Хаосот во Сирија го поттикна црниот пазар за помали предмети, како што се монети и статуетки.