Жолтиот канарски дијамант, познат и како „Златен канаринец“, беше изложен во аукциската куќа „Сотби“ во Њујорк, за време на редовното претставување на експонатите што ќе бидат ставени на продажба, а надлежните очекуваат дека ќе се најде во нечија приватна колекција за најмалку 15 милиони долари. Експертите објаснуваат дека „Златниот канаринец“ е еден од најголемите опточени дијаманти на планетата и најголемиот беспрекорно изработен скапоцен камен досега.
Златниот дијамант има 303,10 карати и порано бил познат како „Неспоредлив дијамант“. Тогаш беше поголем, тежеше 407,48 карати и спаѓаше во категоријата длабокожолти дијаманти. Потоа беше преработен и исечен за да му се даде поинаков изглед – во облик на круша. Експертите на „Сотби“ го опишуваат денешниот изглед на овој скапоцен камен како поелегантен, со подлабока жолта боја и посветла нијанса и ја нагласуваат неговата беспрекорност.
Експертите истакнуваат дека со оваа вредна аукција завршува една многу успешна година во продажбата на дијаманти, во која беа постигнати рекордни цени.
Во февруари на аукциската продажба во „Сотби“, Лондон, црн дијамант стар милијарда години, за кој се вели дека е најголемиот опточен дијамант од тој тип на планетата, го смени сопственикот за 4,3 милиони долари. Официјалните лица на „Сотби“ тогаш изјавија дека овој скапоцен камен е купен во криптовалута.