Во Њујорк е пронајдена статуа на индиска божица од 12 век

Статуа на индиската божица Парвати од 12 век, украдена во 1971 година од храм во индиската држава Тамил Наду, е пронајдена во Њујорк, пренесе „Би-би-си“. Статуата е пронајдена во приватната аукциска куќа „Бонамс“, соопшти индиската полиција. Висока е 52 сантиметра и е една од петте статуи што претходно исчезнале од индиски храм. Висок полициски функционер вели дека полицијата на Тамил Наду ја подготвила документацијата за враќање на статуата. Од „Бонамс“ допрва треба да дадат коментар.
Во текот на изминатите неколку години, Индија ги засили напорите да ги врати статуите на божествата и другите антиквитети украдени или шверцувани од нејзините храмови.
Индискиот премиер Нарендра Моди во февруари изјави дека повеќе од 200 статуи на божества биле успешно вратени во земјата од 2014 година.
Пред две години, Велика Британија ѝ врати на Индија три бронзени статуи, украдени пред повеќе од 40 години од храм во Тамил Наду.