Вкупно 55 судии и обвинители доброволци се однесени во затвор во околината на Брисел за да го искусат животот на затвореник два дена, соопшти белгиското министерство за правда.
Волонтерите ќе престојуваат во затворот „Харен“, нов објект со капацитет од 1.190 затвореници, кој треба да биде отворен на 30 септември. Тие ќе бидат третирани како вистински приведени до завршувањето на операцијата.
Претставниците на правосудните органи многу добро знаат како стојат работите во затворот, но нивното лично искуство им дава единствена шанса што може да им помогне во изрекувањето на казната, бидејќи ќе имаат подобро знаење – велат од Министерството.
Волонтерите ќе мора да ги почитуваат наредбите на персоналот за време на нивниот престој во затворот. Не можат да користат мобилни телефони, ниту пак ќе им бидат дозволени посети. Тие ќе мора да јадат затворска храна и да ги вршат секојдневните активности на затворениците, како што се работа во кујна или во пералница, и да одат на спиење во 22 часот, кога ќе се исклучат светлата.