Глигоровски настапи облечен во традиционална горнореканска носија, заедно со двете придружнички, исто така во моминска и невестинска носија од родното село Врбен. Раскошната сцена со оро ја дополнија фолклористките на ансамблот „Браќа Ѓиновски“, каде што Глигоровски ги направил првите музички чекори

Со исполнети срца, воодушевување и со бурни аплаузи, публиката, која до последното место ја исполни големата сала на центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, го проследи речиси тричасовниот гала-концерт што им го приреди нивниот сограѓанин Владо Глигоровски, по повод јубилејот – триесет години на македонската музичка естрада.

Тој настапи облечен во традиционална горнореканска носија, заедно со двете придружнички, исто така во моминска и невестинска горнореканска носија од родното село Врбен. Раскошната сцена со оро ја дополнија фолклористките на ансамблот „Браќа Ѓиновски“, каде што Глигоровски ги направил првите музички чекори. Концертот го започна со песната „Море со коњ тргнав по Горна Река“, па следуваа „Си заљубив девојче мавровчанче“, „Севде, море Севде, севдалине“ и други.

Владо Глигоровски е роден во селото Врбен, познато по мавровската хидроелектрична централа „Врбен“ и по великанот на светската наука, астрофизичарот Паскал Сотировски. Биографијата му е богата и разновидна. Тој енергичен вљубеник во традицијата и негувањето на изворните горнорекански и мавровски изворни песни, во обичаите и традициите на крајот. Голем помагател е на иницијативи за одржување и обновување сакрални објекти, како и на поединците и на месните заедници на напуштените горнорекански и други села.

Гала-концертот го збогатија неговите пријатели од македонската естрада: Наум Петревски, Зуица Лазова, Виданка Георгиева, Круме Спасовски, Атина Апостолова, Вики Среброва, Дарко Билбиловски, Ферид Мустафов, групата „Фаворит бенд“ и ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

Славеникот Владо Глигоровски, во дует со Атина Апостолова, ја отпеа фестивалската балада „Љуби ме, сакај ме“, а во дует со Зуица Лазова и со Наум Петрески отпеа неколку македонски песни. Одамна гостиварци не присуствувале на ваква прекрасна музичка вечер за паметење, по квалитетот на учесниците и по разновидниот репертоар, посветени на македонската патриотска, лирска, љубовна изворна и новосоздадена песна.

Во музичката ризница на славеникот Владо Глигоровски се наоѓаат 17 македонски изворни песни од Горнореканскиот и Мавровскиот Регион, а десет песни се на носачи на звук, во придружба на оркестарот „Малешевски трубадури“.