Владимир Алексеевич Мошин – еден од најголемите истражувачи на македонското книжевно наследство

318

Научното и истражувачко дело на професорот Мошин започнало од времето на неговите студии, а има 250 библиографски единици. За македонската наука е значајно тоа што го објавил Македонското евангелие на Јован

Занимливости

Владимир Алексеевич Мошин останува запаметен како македонски филолог, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), универзитетски професор и еден од најголемите познавачи и истражувачи на македонското книжевно наследство. Покрај неговата дејност во Загреб и во Белград, Мошин бил раководител на историското одделение при Архивот на Македонија, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и долгогодишен раководител на Катедрата за словенска култура при Институтот за проучување на словенската култура во Прилеп.
Мошин е роден во Санкт Петербург, Царска Русија, каде што студирал на Филолошкиот факултет, но го прекинал образованието по избувнувањето на Првата светска војна, во која учествувал како доброволец. Во 1917-1918 година студирал на Историско-филолошкиот факултет на Тифлискиот универзитет, а потоа се преселил во Киев, каде што го продолжил образованието.
Се оженил со Олга Јаковлевна Кирјанова, а потоа, во август 1920 година, стапил во Армијата на доброволци на јужниот фронт. Откако приврзаниците на царскиот режим биле поразени од Црвената армија, заедно со жена си, која била воена лекарка, Мошин ја напуштил Русија на товарниот брод „Акољд“. Во декември 1920 година пристигнал во Копривница, Кралство Југославија, а во август 1921 година, тој и жена му добиле професорски места во локалната гимназија, каде што тој предавал историја и географија, а сопругата француски јазик.
Пролетта 1928 година, Мошин ја одбранил докторската дисертација на Универзитетот во Загреб на тема поврзана со норманската колонизација на Црно Море. Истовремено, како византолог и славист, специјалист по словенска археографија, тој бил основач на југословенската палеографска наука. Од 1930 до 1932 година, проф. д-р Мошин предавал византологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и на Универзитетот во Белград, каде што предавал до 1942 година. За време на Втората светска војна, тој предавал и на богословските курсеви во Белград, а бил ракоположен за ѓакон и свештеник.

Во 1944 година, во Белград пристигнала Црвената армија, Мошин бил уапсен, но набргу бил ослободен. Во 1947 година, Мошин со семејството се преселил во Загреб, каде што бил назначен за директор на архивата на Академијата на науките и уметностите. Паралелно со тоа, Мошин се занимавал и со изучување и каталогизација на словенските ракописи.
Во 1959 година, проф. Мошин се повлекол од свештеничката служба и се посветил на научна работа, а по некое време повторно се вратил во Белград. Во тоа време, тој бил ангажиран како соработник во одделот за опис на словенските ракописи на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје и формирал нов центар за археографски истражувања во Македонија.
Мошин држел предавања по палеографија, редактирал зборници на старословенски ракописи и објавувал материјали од историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1971 до 1974 година работел како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за историја на Јужните Словени. Поради неговите научни заслуги, проф. Мошин бил избран за член на МАНУ.
Владимир Мошин починал на 3 февруари 1987 година, во Скопје, каде што е погребан заедно со сопругата. На 23 април 1994 година, на скопските гробишта „Бутел“ била одржана панихида, со која чиноначалствувал архиепископот г.г. Михаил|, а во поменот учествувал и вокалниот состав „Свети Јован Кукузел“. Подоцна, во 2014 година, во битолската црква „Св. Димитрија“ била одржана уште една панихида за Мошин.


Македонско евангелие на поп Јован

Евангелието на поп Јован е македонски средновековен ракопис, за кој се верува дека потекнува од крајот на 12 век или почетокот на 13 век. Денес се наоѓа во архивот ХАЗУ во Загреб, а ракописот ѝ припаѓа на т.н. Михановиќевата збирка.
Ракописот се состои од 133 пергаментни листови, а своето име го добива по преписката на поп Јован. Јазичните особености укажуваат на неговото западномакедонско потекло, а морфолошките особености укажуваат на сличности со т.н. Добромирово евангелие од почетокот на 12 век. Ракописната орнаментика има особености на архаичност, а иницијалите во геометриско-флорален стил се речиси идентични како и во т.н. Вуканово евангелие.
Според експертите, структурата на ракописот е краток апракос, со редовно означување на седмиците, што е карактеристика на постарите средновековни текстови. Познавачите велат дека бидејќи станува збор за краток апракос, може да се заклучи дека ракописот не бил наменет за манастир, туку за парохиска црква.