Студија спроведена на 39.000 играчи на видеоигри покажа дека просечниот гејмер треба да игра 10 часа на ден повеќе од вообичаено за да забележи каква било разлика во својата благосостојба, пишува „Би-би-си“.
Благосостојбата беше мерена со прашување за задоволство од животот и нивоата на емоции, како среќа, тага, лутина и фрустрација.

Резултатите се во спротивност со студијата од 2020 година, спроведена од истиот оддел на интернет-институтот на универзитетот „Оксфорд“, но на многу помала група играчи. Тоа истражување покажа дека оние што играле подолго биле посреќни.
Здравиот разум вели дека ако имате повеќе слободно време за играње видеоигри, веројатно сте посреќна личност – вели професорот Ендрју Псибилски, кој работел на двете студии.

Тој вели дека ако играчите играле затоа што сакале, а не затоа што се чувствувале принудено, обично се чувствувале подобро.
Во Кина на децата им е дозволено да играат само по еден час дневно, во петок, сабота и недела.

Од друга страна, многу гејмери низ светот велат дека играњето видеоигри им помага за нивното ментално здравје.