По четири дена и ноќи заврши годинашното издание на фестивалот „Егзит“, низ чии капии од 7 до 10 јули поминаа повеќе од 200.000 посетители. Фантастични концерти, импресивни диџејски сетови и ретко видена енергија со која блескаа и публиката и главните изведувачи, како големите Ник Кејв и Калвин Харис, кои го подигнаа прагот на фестивалското доживување што од Петроварадинската тврдина го понесоа посетителите од повеќе од 100 земји во светот.

„Егзит“ започна со двојна церемонија на отворање со што беа прикажани две посебни страни на фестивалот. На свеченото отворање на бината „Пачамама“ со симболичното пуштање на 22 гулабици и со откривањето на инсталацијата „Јелоу сабмарин“ на Дунав јасно беа демонстрирани вредностите на кои се темели овој фестивал, пораките за мир беа испратени во светот од Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Другата страна ја донесе традиционалната церемонија на полноќ со огнометот на главната фестивалска бина.

– За време на четирите фестивалски вечери на Петроварадинската тврдина чекореа и танцуваа повеќе од 200.000 члена на егзит-племето, со повеќе од 1.000 изведувачи, кои настапија на повеќе од 40 фестивалски бини и зони. Енергетски набиената главна бина варираше од најинтензивните емоции, одата на љубовта и трагедијата што ги донесе едниот и единствен Ник Кејв со своите „Бед сидс“, потоа спектаклот на најбараниот продуцент и диџеј на денешницата Калвин Харис, огнената хипхоп-дива Иги Азалија, хит мејкерите Афроџек, Џекс Џонс, Алок, Џоел Кори и најжестокиот гитарски звук на бразилската сензација „Сепултура“, финскиот „Блајнд Чанел“ и алтернативниот белоруски состав „Молчат дома“. Сите овие големи имиња беа спакувани во четирите фестивалски ноќи на само една, главната бина, а четвртата вечер на „Егзит“ донесе уште еден историски момент, Ана Ѓуриќ Констракта како прва домашна предводничка на главната бина во историјата на фестивалот – велат организаторите на фестивалот.