Големиот научник Никола Тесла целиот свој живот им го посветил на работата и на своите изуми, при што имал голем број необични и несекојдневни навики. Повеќето ги практикувал со намера мозокот подобро да му функционира, а најчесто три од нив.

Долго размислување
Тесла често зборувал дека може да ги замисли машините, но не правел веднаш нацрти за нивна изградба. Овој процес на визуелно размислување не им е својствен на сите луѓе, но основната идеја е концентрација пред самата изведба.
Во својата автобиографија, Тесла го опишал овој процес.
– Мојот метод е поинаков. Јас не брзам со конкретната работа. Кога ќе добијам некоја идеја, јас веднаш работам на неа во својата фантазија. Ја менувам конструкцијата, правам измени и управувам со машината во својата глава. За мене е сосема неважно дали ја тестирам турбината во моите мисли или во работилница – рекол славниот научник.

Прошетка
Повеќе студии потврдиле дека одењето на кратка прошетка придонесува за подобра креативност. И Тесла имал такво мислење. Иако неговите прошетки станале дел од опсесивно-компулсивно однесување, тој навистина до идеите за некои свои големи изуми дошол шетајќи.
Никола Тесла во 1881 година се преселил во Будимпешта. Во овој град заздравувал од нервниот слом и често шетал со еден свој пријател и рецитирал поезија. Во текот на една прошетка добил идеја за создавање наизменична струја, се вели во неговата биографија.

Решавајте ги проблемите во самотија
Како и многу други иноватори и креативци и Никола Тесла ја застапувал тезата дека во текот на создавањето и размислувањето треба да се осамите. Има еден познат цитат на оваа тема.
– Умот е поостар и поконцентриран кога сте во непрекината самотија. За размислување не ви е неопходна каква било голема лабораторија. Оригиналноста доаѓа од самотијата, која нѐ ослободува од влијанијата што му штетат на нашиот ум. Бидете сами, тоа е тајна на изумителите, тогаш се раѓаат идеите – говорел овој гениј.