Според најновите податоци на УНЕСКО, глечерите брзо се топат и третина од нив се на пат да се стопат до 2050 година. Но, сепак, е можно да се спасат другите две третини, доколку порастот на глобалните температури не надмине 1,5 Целзиусов степен во однос на прединдустрискиот период.
Има вкупно 18.600 глечери, кои покриваат 66.000 квадратни километри, што претставува речиси 10 отсто од вкупната површина на глечери на Земјата, во 50 места на светското наследство на УНЕСКО.
Новата студија на УНЕСКО, во партнерство со Меѓународната унија за зачувување на природата, покажува дека овие глечери забрзано се повлекуваат од 2000 година, поради емисиите на јаглерод диоксид, односно високите температури. Тие во моментов губат 58 милијарди тони мраз секоја година, што е еквивалентно на комбинираното годишно користење на водата на Франција и Шпанија, и се одговорни за речиси пет проценти од забележаното глобално зголемување на нивото на морето.
Извештајот заклучува дека глечерите на една третина од 50-те места на светското наследство се осудени да исчезнат до 2050 година, без оглед на напорите за ограничување на зголемувањето на температурата. Сепак, сè уште е можно да се спасат глечерите во преостанатите две третини од локациите доколку порастот на температурата не надмине 1,5 Целзиусов степени во споредба со прединдустрискиот период. Овој извештај е повик за акција – само брзото намалување на емисиите на јаглерод диоксид може да ги спаси глечерите и извонредната биолошка разновидност што зависи од нив.