„Топ ган: Маверик“ соборува веќе поставени рекорди, но ги освојува и срцата на обожавателите и на критичарите. Сега тој се насочи кон најголемите остварувања на киноблагајните и на американско тло престигна еден од најголемите филмови на сите времиња – „Титаник“.
Покрај тоа што беше прогласен за филм со најголема заработка во 2022 година и филм со најголема заработка во кариерата на Том Круз, новиот „Топ ган“ заработи 662 милиони долари на американскиот боксофис, оставајќи го зад себе актуелниот број еден „Титаник“, кој само во САД заработи 660 милиони долари, пренесува „Вераети“.
Со вкупна заработка од боксофисот од прикажувањето на филмот, од минатиот викенд, новиот филм го зазеде седмото место на листата на филмови со најголема заработка на сите времиња во САД, преземајќи ја престижната титула од „Титаник“.
Долгоочекуваното продолжение на филмот доби добри критики и покрај поплаките дека нема многу врска со реалноста, како што наведе во критиката за филмот списанието „Слејт“.
„Топ ган: Маверик“ е сè што критичарите велат дека е – забавен, возбудлив, ода на индивидуалната храброст и, на неколку места, искрено трогателен. Меѓутоа, тоа е и сосема глупав филм, кој, и покрај тврдењата за реализам (актерите летаат во вистински авиони), дава многу нереална слика, пишува „Слејт“.
Иако новиот блокбастер незапирливо се искачува на топ-листите во САД, трката сѐ уште не е завршена. Имено, на глобално ниво „Топ ган: Маверик“ досега има заработено 1,3 милијарда долари, додека вкупната глобална заработка на „Титаник“ е 2,2 милијарди долари.