По пауза од подолго време, на македонската музичка сцена повторно се враќа човекот што пред десетина години беше еден од најслушаните изведувачи на домашната музичка естрада. Тони Петковски, во јавноста познат како Тони Зен, има нов сингл, со наслов „Планот“.
– Целата приказна почна од поривот и љубовта за творењето. Се инспирирав од музиката и поддршката на моите пријатели и соработници Нино Васков и Ики, со кои работевме долги години. Идејата со оваа песна е дека сето она што ни било планирано низ времето го остваруваме и прикажуваме на ваков начин, затоа што ова ни е задача и љубов од многу одамна. Се чувствувам должен кон публиката, бидејќи долго време бев отсутен. Ова враќање е токму за нив, инспириран од младите, но секако и од постарите артисти, музиката мора да продолжи без оглед на сѐ. Сакам да се претставам на наш, македонски начин – вели Тони Зен.
Музиката, аранжманот, миксот и мастерот ги направија Илија Цветковски-Ики и Нино Васков, а за видеозаписот е одговорен Огнен Шапковски од „Мелем продукција“.
Тони Зен потпиша тригодишен договор со „Прагма продукција“, која ќе стои зад секој негов професионален ангажман. Неговата агенда со настапи е веќе преполна, го очекува богата летна турнеја, а дел од неа ќе биде и „Мандра фестивалот“ во Дојран, каде што ќе настапат големи музички имиња, вклучувајќи го и Тони. Утревечер, 2 јули, со Тони ќе имаме можност да се дружиме во Градскиот парк, во рамките на „Крејзи самер фестивал“.
Новиот сингл „Планот“ може да се преслуша на официјалниот јутјуб-канал на Тони Зен.