Додека вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ја продолжува својата обиколка низ Сончевиот Систем, ја направи и својата прва фотографија од најоддалечената планета во нашето космичко соседство, Нептун. Научниците го објавија најдобриот поглед на прстените на Нептун во последните 30 години.

Фотографијата од ледениот свет не само што е јасна туку го нуди првиот поглед на прстените на Нептун, базирани на прашина во блискиот инфрацрвен спектар. На овие бранови должини, планетата не изгледа сино, бидејќи апсорбира толку многу инфрацрвена и видлива црвена светлина што добива темен, сеништен изглед.
Седум од 14 потврдени месечини на Нептун се видливи на фотографијата, а тоа се Тритон, Галатеја, Најада, Таласа, Деспина, Протес и Лариса. Светлите точки и риги на планетата претставуваат облаци од метан и мраз, вклучувајќи и вител на јужниот пол. Изгледот на Тритон привлекува внимание поради неговата површина од кондензиран азот, што рефлектира 70 проценти од сончевата светлина.

Нептун е особено важен за научниците, бидејќи е доволно далеку од Сонцето за да има услови што не се присутни на поблиските планети, имено многу ниски температури и многу долга орбита, која трае 164 години.

Сето ова е само почеток на истражувањето со телескопот „Џејмс Веб,“ бидејќи истражувачите очекуваат да дознаат повеќе за Нептун и Тритон во текот на следната година. Астрономите во оваа фаза собираат само прелиминарни податоци.