
Во секоја земја може да се најдат посебни и прекрасни нешта, а Кина како повеќеилјадна цивилизација се одликува со голем број знаменитости. Меѓу нив може да се вброи тај чи чуан, древната кинеска форма на вежбање што од УНЕСКО беше прогласена за нематеријално културно наследство. Како боречка вештина е заснована на принципите на јин и јанг
Знаменитостите на Кина
Тај чи чуан е древна кинеска форма на вежбање, но и боречка вештина што личи и на другите кинески боречки вештини, како што е кунг-фу. Името доаѓа од два збора тај чи, како и чуан. Тај чи во кинеската филозофија може да означува точка на највисок досег, а чуан (тупаница) се однесува на боречка вештина без употреба на оружје. Понекогаш терминот тај чи чуан се скратува како тај чи, но станува збор за два различни поими. Во таоизмот и во конфучијанизмот, тај чи се поврзува со кинеската космологија, каде што го означува почетокот на универзумот.
Начинот на користење на тај чи чуан како боречка вештина е целосно заснован на принципите на јин и јанг и нивната динамична меѓусебна поврзаност. Секоја целина има две страни и сè во природата и вселената се менува иако се чини дека мирува. Така е и со телото на мајсторот тај чи чуан, кој иако полека плови како река, може да го задржи секој што ќе се обиде да го нападне, користејќи сила или брзина. Но тај чи чуан е многу повеќе од обична боречка вештина, бидејќи оној што ги владее принципите на универзумот сфаќа дека непријателот всушност воопшто не постои.
Постојат многу начини за тренирање тај чи чуан, но во практиката најчесто се користат сетови на движења со имагинарни противници (со или без оружје), вежби за долго стоење, вежби за поголема издржливост на телото (особено на нозете) и зајакнување на чи, како и вежба што има за цел да го исфрли противникот од рамнотежа со туркање (или спречување со одбрана), но само со користење на рацете или телото. Во Кина, тај чи чуан е класифициран како група на стилови на Вуданг, кои се карактеризираат со употреба на внатрешна сила. Вуданг е всушност планина во Кина од која потекнуваат многу стилови на кунг-фу.
Во согласност со кинеската традиција, формативни влијанија врз тај чи чуан извршиле таоистичките и будистичките манастири, како и неоконфучијанизмот од периодот на кинеската династијата Сонг. Се верува дека теоријата и практиката на тај чи чуан биле формулирани од таоистичкиот монах во 12 век, приближно во исто време кога се издигнувале принципите на неоконфучијанската школа.
Во 1956 година, кинеската влада го спонзорираше Кинескиот спортски комитет (КСЦ), кој собра четворица учители за да ја скратат формата на тај чи чуан на 24 пози. Тоа беше обид да се стандардизира тај чи чуан за турнирите, бидејќи тие сакаа да создадат рутина што ќе биде многу полесно да се научи од класичните форми. Во 1976 година беше развиена подолга демонстративна форма, која не бара меморија, рамнотежа и координација на традиционалните форми. Кон крајот на 80-тите година на 20 век, Кинескиот спортски комитет (КСЦ) стандардизира повеќе форми за натпреварување за четирите главни стилови, како и комбинираните форми. Овие пет групи форми беа создадени од различни тимови, а подоцна одобрени од комисијата на тренери во Кина.
Постојат клинички студии што го истражуваат ефектот на тај чи чуан врз одредени болести и здравствени состојби, иако нема доволно студии со конзистентни пристапи за да се генерира сеопфатен заклучок. Меѓутоа тај чи чуан е промовиран за лекување разни заболувања, а меѓу другите е поддржан и од Националната фондација за паркинсон и дијабетес во Австралија.
Од сеопфатното истражување од 2011 година на систематски прегледи произлезе препорака за постарите лица на тај чи чуан поради физичките и психолошките придобивки. Истражувањето од 2015 година покажа дека тај чи чуан може да го применуваат лица со хронични медицински состојби, како што се хронична опструктивна белодробна болест, срцева слабост и остеоартритис, без негативни ефекти и откри поволни ефекти врз функционалниот капацитет за вежбање.
Во 2015 година, Одделот за здравство на австралиската влада ги објави резултатите од прегледот на алтернативните терапии што се обидуваа да ги идентификуваат сите што се погодни за покривање со здравствено осигурување. Студијата заклучи дека доказите сугерираат дека тај чи чуан може да има корисни здравствени ефекти. Д.Ст.