Најлошата суша што ја погоди Кенија во последните четири децении уби речиси два отсто од популацијата на гревиеви зебри, најретките видови зебри во светот и го загрози другиот див свет.
Гладот предизвикан од сушата ги принудува дивите животни да се приближат до населените области и градови и доведе до зголемен број смртоносни конфликти со луѓето. Здруженијата за заштита на животните велат дека без итна интервенција, дивите животни може да се соочат со егзистенцијална криза во многу делови на источноафриканската земја доколку продолжи сушната сезона.
– Тоа е сериозна закана за нив – рече службеникот задолжен за следење на овој вид зебри, Ендрју Летура, истакнувајќи дека 40 единки починале поради сушата.
Лоша е и ситуацијата во јужна Кенија.
– Ренџерите изброиле осум пати повеќе мртви животни или премногу слаби за да издржат, во споредба со нормалната ситуација во ова време во претходните години – рече извршниот директор на фондацијата „Биг лајф“, Бенсон Лејан, кој работи со локалните сопственици на земјиште за заштита на пасиштата и екосистемите.
Експертите велат дека кризата не може да се припише само на сушата.
– Прекумерното пасење од добитокот ги осиромашува пасиштата и им отежнува на екосистемите да се обноват од сушата – рече шефот на теренските операции на „Сејф д елефантс“, Дејвид Дабален.
Гревиева зебра, која е поголема од стандардната рамничарска зебра и има потесни ленти и пошироки уши, е најретката во светот со само 3.000 останати, од кои 2.500 се во Кенија.