Италијанското студио „Габриеле Теруци јахтс енд дизајн“ дизајнира импресивна суперјахта. Станува збор за концептот наречен „Стела дел суд“, кој е инспириран од познатиот дијамант од 128 карати на „Картие“. Рендерите ја прикажуваат елегантната јахта долга 110 метри, во облик на дијамант со спектакуларни стаклени страни што ги поврзуваат сите палуби. Стаклените панели имаат функција на рефлексија на светлината така што постојано светка.
Јахтата е замислена со долга палуба на која се наоѓа хелиодром, а има и приватен салон со софи во форма „L“, идеални за забавување на гостите. Главната палуба има доволно простор за осум ВИП-кабини, фитнес-центар и соба со пијано со фантастичен поглед. Големиот простор содржи и три поврзани базени на различни нивоа, кои создаваат ефект на водопад.
Јахтата е „стратегиски дизајнирана“ така што сите патници имаат непречен поглед на морето од главниот салон, кој е опкружен со големи панорамски прозорци, кои прикажуваат лесен „дождовен ефект“ во текот на ноќта.
Дел од јахтата е и голема палуба со дневен престој, џакузи, како и трпезарија со голема тркалезна маса. За сопствениците е резервиран простран апартман со две бањи, гардеробер и аквариум вграден во таванот над креветот.
На гостите на располагање им е и кино, кое се подигнува на палубата и ја користи темната средина. Двете страни на трупот имаат по две врати што се отвораат и овозможуваат пристап до пространи тераси од 30 квадратни метри.
Суперјахтата „Стела дел суд“ сѐ уште е само концепт, но привлекува големо внимание, па би можела да заплови во не толку далечна иднина.