Песни што ме тераат да играм
Поранешниот „полицаец“ Стинг го вади албумот „Ten Summoner’s Tales“ во 1993 г., составен од 12 песни, иако насловот укажува на десет приказни. Го отвора првата песна „Prolog“ и завршува со дванаесеттата „Epilogue“. Феноменален албум, со неверојатни музичари, аранжмани, текстови и пораки. За тоа е нaграден и со „греми“ за албум на годината, песна на годината. Чудесија од албум. На него се наоѓа и еден опточен дијамант – „Shape of my heart“, кој освен феноменалната музика, преку текстот носи неверојатна порака. Е, таа порака ја дознав многу години подоцна.
Петре Прилепчанецот, скромен човек, се сели во Ѓорче Петров некаде во 1950-тите, сосе цела фамилија. Покрај трите ќерки, тука е и единствениот син, Миле, гордоста на фамилијата. Растат во патријархална фамилија и се прави сѐ за да израснат во чесни и успешни луѓе. Миле завршува средно и веднаш се вработува во тогашниот гигант „Електродистрибуција“. Станува инкасатор, со голема кожена црна торба преку рамо, полна со пари, кои потоа ги носеше во дирекцијата. Се жени и судбината му подарува две деца. Невидена среќа во фамилијата. Ѓорче, меѓу другото, тогаш е познато по коцкарскиот дух, големи комарски игри имаше секојдневно, особено на составот на Треска и Вардар, кај дрвеното мовче. Миле ретко губеше, а поради студениот израз на лицето и добивките, го доби прекарот Непобедливиот. Во тој период во Скопје и во Ѓорче, во испоставите на „Лотарија на Македонија“, покрај уплата за лото и спортска прогноза, ги воведоа електронските апарати за коцкање. На Миле тие автомати му беа на 50 метри од дома. Почна да зачестува таму, особено откога го доби големиот „ројал флеш“. Ние децата одевме да го гледаме затоа што беше интересен. Во тоа мало казино имаше едно радио на „ЕИ Ниш“, кое кога свиреше кога не, но само на една фреквенција. И дојде и тој ден, 14 март. Миле во казиното игра на сите три автомати, на максимум. Некои дваесетина луѓе публика, меѓу нив и јас. Не го интересира ништо, само тие електронски звуци и бројки. Доаѓа жена му да го носи дома. Миле не се мрда. Доаѓаат и двајца колеги на Миле од работа, го бараат, се расправаат со него. Миле зема стол и со него мавта да не може никој да му се приближи. Доаѓаат и двете деца на Миле да го смират, ама тој е во коцкарски транс, со глава удира во стаклото на првиот автомат. Не му е ништо. Пробуваме да го смириме, но не можеме. Со главата удира во другиот автомат, стаклото пука и го засекува. Уште повеќе крв. Буквално се забива во третиот автомат, одеднаш се згрчува, почнува да се тресе, го удира струја. Зоки оди некаде назад и ја исклучува струјата.
И во тој момент радиото почнува само од себе да свири, и тоа песната на Стинг, „Shape of my heart“. Тоа е тој момент кога некои нешта се спојуваат на некој чуден начин. Стинг пее, односно проповеда: „He doesn’t play for the money he wins, He don’t play for respect, He deals the cards to find the answer…“ Доаѓаат брза помош и полиција. Додека ни земаат изјави, од колегите на Миле дознаваме дека не ги предал парите што ги собирал од домаќинствата (над 100.000 марки). Миле и жена му преживеаја (Миле го загуби едното око), се преселија некаде во околината на Прилеп, децата останаа во Скопје. Испоставата на „Лотарија на Македонија“ ја нема веќе многу години, го нема ни Миле. Случајно го видов 15 години по случката, во Влае. Се зборуваше дека не разговара со никого, ама со мене застана, ме погледна и почна: „А бе, тогаш да ми дадеше кец на попот, имаше да го растурам апаратот, ја сфатив формулата најпосле. И тогаш ќе им покажев кој е Миле Непобедливиот…“ Сѐ уште истиот Миле, растргнат во минатото, оттргнат од стварноста, жив мртовец…
Љупчо Давчев