Во рамките на проектот „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“, со мултидисциплинарни и геолошки истражувања е утврдено дека овој крајезерски регион имал бурно, динамично климатско минато

Резултатите од геолошките и археолошките истражувања направени во рамките на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“ покажаа дека стариот дел на Охрид, или антички Лихнидос, бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните.

Раководител на проектот е Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија, кој во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен.

Во рамките на археолошките истражувања, додава Арџанлиев, годинава акцентот бил ставен на три локалитети во околината на Охрид: Петкина Нива и Горица кај селото Лескоец и Градиште кај Долно Лакочереј. На локалитетот Петкина Нива е откриена римска рурална вила, на Градиште населба со хронологија од доцно бронзено време до хеленистички период и кај Горица има хронологија од неолитот, па сѐ до железното време.

Најголем дел од артефактите на сите локалитети се керамички наоди, кои, според експертот, се добри за датирање.
– Проектот е мултидисциплинарен, имавме екипа археоботаничари, кои со посебна опрема вршат измивање на земјата и ги собираат сите археоботанички остатоци на земјата, семиња и разни други остатоци со чија помош се врши реконструкција на пејзажот, со што се хранеле луѓето, што одгледувале и слично. Со помош на јагленосани органски остатоци вршиме радиокарбонски анализи во референтни лаборатории каде што добиваме точни датуми за секој од слоевите каде што откриваме и археолошки артефакти. Така, наместо релативна добиваме апсолутна хронологија, каде што археолошките артефакти се во апсолутни датуми, појасни Арџанлиев.
Целта, според него, е реконструирање на организацијата на населбите во минатото.
– Во рамките на проектот вршиме мултидисциплинарни и геолошки истражувања, со чија помош увидовме дека овој крајезерски регион имал бурно, динамично климатско минато. Со реконструкција на тоа бурно минато можеме да ја реконструираме и организацијата на населбите и како луѓето се организирале во минатото да живеат околу езерото и во регионот – изјавува Арџанлиев.

Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата.
– Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен-анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично. Со тоа сакаме да дадеме одговор за појавата на елитата во Охридскиот Регион, што покажуваат и откритијата од архајскиот период (6 век пр. н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна Порта – истакнува Арџанлиев.
– За да има елита и такво богатство мора да има повеќе ресурси, спомнав земјоделство, сточарство и металургија, но покрај тие ресурси овие луѓе ги контролирале и главните комуникациски и трговски маршрути. А регионот во тој период претставува своевидна крстосница во овој дел од Балканскиот Полуостров, нешто што може да се забележи од поголемиот број некрополи од архајскиот период, кои се откриени во рамницата северно од Охридско Езеро, во кои се откриени доста богати и значајни наоди. Тоа денеска е Охридско-струшкиот Регион, крајбрежје на тогашното поголемо езеро, што геолошки го потврдивме дека постоело – дополнува Арџанлиев.

Со една геолошка сонда во близината на реката Грашница тие откриле ново палафитно, наколно живеалиште и со тоа се потврдило дека имало некој катаклизмичен настан, како земјотрес, кој придонел таа населба да престане со егзистенција околу 12 век пред нашата ера, во доцното бронзено време.
Според раководителот на проектот, најверојатно, со тој катаклизмичен настан дошло до спуштање на земјата во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата.
– Тие се првични резултати, кои дополнително ќе ги надградуваме и публикуваме – истакнува Арџанлиев.