Дали виното е повкусно кога го пиете од убава чаша на тераса со прекрасен поглед или дома во обичен филџан додека гледате телевизија? Британскиот синџир продавници за вино „Мажестик“ сака да го дознае токму тоа, па некому ќе му плати 240 евра за да биде дел од уникатно истражување.
Од оваа винарска продавница објавија дека бараат практикант што ќе им помогне да дознаат дали виното има подобар вкус на одмор?
Избраниот среќник ќе биде испратен на Пиринејскиот Полуостров три дена, со платени летови и сместување, како и дневница од 240 евра. Освен тоа, ќе добие и кутија со вина произведени во Шпанија и во Португалија за да може да ги пие во регионите каде што се произведени. Кога ќе заврши тоа патување, волонтерот дегустатор ќе го добие истото вино за да го проба дома за да види дали има некаква разлика во вкусот.
Апликациите сѐ уште се отворени, но само за Велика Британија.
– Не е потребно претходно искуство, само отворен ум, пасош и љубов кон убавите шишиња – велат од „Мажестик“.
Заинтересираните треба да пополнат апликација на веб-страницата на споменатата продавница за вино, која е отворена само за жителите на Обединетото Кралство и да напишат кое вино најмногу сакаат да го пијат на одмор, заедно со 200 збора за тоа зошто заслужуваат да бидат избрани, како и нивното мислење дали виното има подобар вкус во странство.
Како што наведуваат на својата страница, пријавувањето трае до 19 август, а среќникот ќе го започне своето патување во септември.