Во Индија потпишан шеговит брачен договор – хит на интернет

Брачните договори меѓу сопружниците обично се доста сериозни, но снимката со „договор“ на една индиска двојка од неодамнешна венчавка се најде на насловните страници на странските медиуми и масовно се рашири на социјалните мрежи поради својата необична содржина.
Забавната листа за тоа што треба, а што не треба да прават во бракот ја составија пријателите на сопружниците и, очигледно, не е правно обврзувачка.
Но откако договорот беше ставен на Инстаграм на 22 јуни, ден по венчавката, видеото што трае петнаесетина секунди, на кое невестата и младоженецот ставаат потпис на џиновското парче хартија, е прегледано над 45 милиони пати.
Во минатото имало и други случаи кога невестата и младоженецот или нивните пријатели склучувале такви договори, но видеото привлече внимание поради главната ставка на списокот – „само една пица месечно“. Точката се однесува на невестата Шанти Прасад (25), за која пријателите велат дека е „луда за пица“. Таа се омажила за својата љубов од факултет, Минту Раи (25), на традиционална церемонија во Гавахати, во североисточниот дел на индиската држава Асам.

Првата средба на часови по економија

Двојката се запознала пред пет години кога и двајцата посетувале часови по предметот економија. Еден ден кога Шанти ги пропуштила часовите побарала помош од Минту, кој ѝ излегол во пресрет, а со текот на времето станале добри пријатели. Пријателството се претворило во љубов и во февруари 2018 година се случил и првиот состанок.
– По предавањата отидовме до блиската пицерија. Знаев дека морам да ја однесам во тој ресторан, бидејќи постојано ми зборуваше за тамошните пици – вели Минту, сега сопственик на продавница за електронска опрема.
Невестата ја потврди огромната љубов кон овој италијански специјалитет.
– Да, навистина многу сакам да јадам пица и Минту исто така, но не толку за да јаде пици секој ден, па поради тоа, почна да се жали на монотоното мени. Ми велеше колку пици ќе изедеш, ајде да земеме нешто друго – раскажа за медиумите Шанти.
Сепак, тие никогаш не се скарале околу храната.
Но Шанти додаде дека знае оти Минту им се жалел на пријателите дека го нервира тоа што таа го тера толку често да јадат пица.
– На крајот сето тоа стана омилена шега меѓу нашите пријатели – додаде таа.
Рагав Такур, пријател на двојката, вели дека Шанти го сака само Минту повеќе од пицата. Токму тој смислил младоженците да ги изненадат со оригинален брачен договор и во него да има ставка за пицата.
– Откога се запознавме на факултет во 2017 година поминавме доста време заедно и станавме блиски. Гледавме како нивната романса цвета и сакавме
за нивната свадба да направиме нешто оригинално и незаборавно – изјави Рагав за Би-би-си.

Брачен договор од осум точки

Пријателите на крајот одлучиле тоа да биде брачен договор од осум точки.
– Бидејќи Шанти обожава пица, тоа го ставивме на врвот на листата – објасни тој.
Во договорот, кој е склучен неколку дена пред бракот, има уште неколку услови.
– Минту мора да подготвува појадок во недела, да купува набавки секои 15 дена, а може да оди на забави доцна во ноќта само заедно со сопругата.
Освен што на Шанти со договорот ѝ е ограничено јадењето пица само еднаш месечно, таа мора да посетува фитнес-центар секој ден, како и да носи сари, бидејќи изгледа многу убаво во оваа традиционална облека – објасни Рагав.

Вистинско изненaдување

– Немавме поим што ни подготвуваат пријателите како изненадување, но очигледно е дека навистина добро нѐ познаваат – вели Шанти.
Но она што е направено како пријателска шега брзо се рашири на социјалните мрежи. Кога една фотографска агенција го постави видеото на Инстаграм, тоа масовно се рашири и имаше милионски прегледи и лајкови.
– Бевме зафатени со подготовките на венчавката, па дури три-четири дена подоцна сфативме дека снимката е мегапопуларна, што за нас беше вистинско изненадување – рече Минту.
Двојката го залепи договорот во својата спална соба, но, според Рагав, нема големи шанси дека Шанти ќе се придржува до првата точка, бидејќи сето ова сите го сфатија како убава шега.
– Поминаа само две недели од свадбата, а ние веќе двапати јадевме пица – откри со насмевка новопечената невеста.