Инвестиционата банка Ален и компани секој јули организира традиционална финансиска конференција, во траење од една недела, на која се покануваат најбогатите и највлијателните луѓе на светот, поради што ја нарекуваат „летен камп за милијардери“. Одморалиштето „Сончева долина“, кое е отворено во 1983 година, се наоѓа на надморска височина од 1.805 метри, во округот Блејн, во американската сојузна држава Ајдахо. Тоа е позната скијачка дестинација, опкружена со планините Балд и Долар.
Во текот на летните месеци, ова место е идеално за пешачење, голф, кајак, велосипедизам и други слични активности. Посетителите следат и предавања за финансиски прашања, но тука се склучуваат и важни деловни договори.
Поради пандемијата на коронавирусот, кампот првпат во историјата беше откажан во 2020-та, а во 2021 година се одржа во специјални околности. Сите присутни мораа да бидат вакцинирани и да имаат негативен тест на ковид-19, а повеќето настани се одржуваа на отворено.
Познати се само неколку детали за конференцијата, бидејќи новинарите имаат ограничен пристап на настаните и немаат контакти со гостите. А повеќето од нив доаѓаат тука со приватни авиони, отседнуваат во луксузни апартмани и ги служат посебни готвачи.
„Форбс“ лани изброи најмалку 25 милијардери во летниот камп – од Марк Закерберг и Бил Гејтс до Ворен Бафет и Мајкл Дел, кои заедно поседуваат околу 825 милијарди долари.