Во домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци почна манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2022“, со етноизложбата на фотографии насловена „Уметниците и Пресвета Богородица“. За време на годинашното издание, кое ќе трае до 1 декември, ќе се одржат театарски претстави, вклучувајќи ја и „Неделата на театарот“, потоа концерти од повеќе музички жанрови, фото и ликовни изложби, проекции на филмови и друго. Годинава манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ ќе се одвива под мотото „Култура е… Дојдете во нашата куќа на уметноста да го почувствувате и доживеете тоа што ќе го видите!“.
Еден од настаните е и меѓународниот фолклорен фестивал „Кавадаречки фолклорни средби“, кој се одржува по третпат. Во пресрет на првата фестивалска вечер, дефиле со сите учесници на фестивалот се одржа на потегот од кружниот тек во новиот центар на Кавадарци до градскиот плоштад.
Во рамките на фестивалот, во галеријата при домот на културата се одржа и работилница за ткаење.