Секој љубител на кучиња ги знае оние драгоцени моменти кога нивниот миленик се приврзува кон нив и ентузијастички мавта со опашката во знак на поздравување.
Истражувањето на Кинеската академија на науките открило дека кучињата што се удомиле и создале блискост со својот сопственик, со опашката мавтаат повеќе надесно. Научниците од Пекинг три дена набљудувале кучиња што се среќаваат со непознати. Откриле дека доколку кучињата сè повеќе ја препознаваат личноста, почнувале да мавтаат со опашката почесто надесно, а поретко налево. Водачот на истражувањето, д-р Јонг Кју Џанг, верува дека мавтањето со опашката надесно е поврзано со левата страна на мозокот, која е одговорна за обработка на позитивните емоции.
– Преминот на мавтање на десната страна сугерира дека кучињата, како што одминува времето, почнуваат да ја перципираат непознатата личност во попозитивно светло – вели д-р Дебора Викс од универзитетот „Квинс“ во Белфаст, која го проучува однесувањето на кучињата повеќе од 25 години.

Студијата, објавена во списанието „Исајенс“, користела 3Д-систем за следење на движењето за да проучи како десет кучиња од расата бигл мавтале со опашката додека биле со луѓе пет минути дневно во текот на три дена. Севкупно, тие анализирале дури 21.000 мавтања, вклучувајќи ги брзината и растојанието со кое се движат опашките. Тие, исто така, открија дека секое куче има уникатна шема на мавтање, слично како што секој човек има уникатен начин на одење.
– Позитивните и негативните емоционални состојби се поврзани со активирањето на левиот и на десниот префронтален кортекс кај луѓето. Претпоставуваме дека мавтањето со опашката на левата страна може да биде придружено со активирање на десната страна на мозокот, додека мавтањето со опашката на десната страна може да биде придружено со активирање на левата страна на мозокот во префронталниот кортекс – вели д-р Џанг.