Пол Макартни наполни 80 години

Легендарниот музичар, текстописец и композитор Пол Макартни во неделата наполни 80 години, а само за една недела ќе биде најстариот изведувач на фестивалот „Гластонбери“ во Велика Британија. Дури се шпекулира дека до крајот на годината ќе ја добие титулата лорд.

Не е лошо за момче од работничко семејство од Ливерпул, кое е на врвот на светските топ-листи речиси 60 години. Помеѓу ангажманите со „Битлси“, работата со групата „Вингс“ и градењето соло-кариера, Макартни напиша и е коавтор на повеќе од 50 сингла што беа меѓу првите 10.

За време на карантинот, Мака, како што со љубов го нарекуваат, го сними албумот „McCartney 3“, кој стана негов прв соло-албум на врвот на топ-листите во Велика Британија од 1989 година.

Пол Макартни и „Битлси“ се вратија во центарот на вниманието на јавноста минатата година, благодарение на осумчасовниот документарен филм на режисерот Питер Џексон, насловен по нивниот хит „Get Back“, а темата е снимањето на нивниот албум од 1970 година, „Let It Be“.

Заедно со низата настани по повод неговиот 80-ти роденден во Ливерпул, британските медиуми пишуваат дека тој би можел да стане лорд, 25 години откако станал витез.

Немерливи заслуги за културата

Анонимен извор изјави за магазинот „Сан“ дека „се разгледува идејата да му се понуди можност да влезе во Домот на лордовите“.
Тој неверојатно ѝ служеше на британската култура, така што тоа би можело да биде соодветна чест и признание за сето она што го направи за својата земја – пренесуваат британските медиуми.

Во 2011 година, Макартни се ожени со третата сопруга, американската наследничка Ненси Шевел (62), и има осум внуци. Списокот на богаташите, кој го објави „Сандеј тајмс“, проценува дека двојката заедно вреди 861 милион фунти.
Тој се ожени по тешкиот развод од поранешната манекенка и активистка Хедер Милс во 2008 година, која го напушти по шестгодишниот брак и му зеде 24,3 милиони фунти.

Роден во пристанишниот град Ливерпул, во северозападна Англија, Макартни го запознал Џон Ленон кога имал 15 години и заедно го формирале бендот „Кверимен“ (Quarrymen), кој на крајот прераснал во „Битлси“.

Макартни, Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар станаа синоним за мноштво бурни обожаватели, а најпозната е нивната фотографија снимена на пешачкиот премин на улицата „Еби роуд“ во Лондон. Едноставно кажано, тие беа едно од најсилните културни влијанија во нивната ера и најпродаван бенд во историјата. Нивната дискографска куќа „Еми“ проценува дека продале повеќе од милијарда плочи и касети.

Неуморно имагинативно, бендот сними песни што лесно се паметат, кои ја поттикнаа битлсманијата во 1964 година, развивајќи стил што вклучуваше секакви влијанија, од психоделија до кантри.

Скршено срце

Ленон и Макартни формираа едно од најпознатите партнерства на 20 век, но нивните креативни разлики на крајот доведоа до колапс на „Битлси“ во 1970 година.
Макартни ја основа групата „Вингс“, со неговата прва сопруга Линда, во 1971 година и благодарение на неговото чувство за музика, на кое му ги должиме класиците како што се „Hey Jude“ и „Blackbird“, тој продолжи со новиот бенд да реди хит по хит десет години.

Линда, истакната фотографка и активистка за правата на животните, починала од рак на дојка во 1998 година. По 29 години брак, Макартни рече дека тоа „целосно му го скршило срцето“. Но тој се врати кон крајот на следната година со нов албум, главно со кавери, и ја продолжи експерименталната традиција на „Битлси“ – објави техно-албум и две класични дела со повеќе од десет соло-албуми.

Тој има снимено и познати дуети со Мајкл Џексон и Стиви Вондер, а во 2012 година настапи со „Нирвана“ за жртвите од ураганот Сенди во Њујорк.
А неговата најслушана песна на Спортифај, повеќе од која било песна на „Битлси“, е соработка со Канје Вест и Ријана – „FourFiveSeconds“.

Освен со музика, пејачот се занимаваше и со сликарство, режираше филм и беше вклучен во активизам во области што се движат од правата на животните до мирот меѓу Израел и Палестинците. Има син и четири ќерки, меѓу кои и познатата модна дизајнерка Стела.

Од четворицата „Битлси“, двајца починаа: Џон Ленон беше убиен во Њујорк во 1980 година, а Џорџ Харисон почина од рак во 2001 година. Тапанарот Ринго Стар повторно ќе има турнеја оваа година, иако има 81 година.