Научниците од универзитетот „Тексас“ во Хјустон открија дека добрата исхрана и редовното вежбање можат речиси целосно да ги елиминираат генетските ризици од мозочен удар. Дополнителните клучни чекори вклучуваат откажување од пушење и воспоставување и одржување здрава тежина.
Во студија објавена во списанието на Американското здружение за срце, 11.500 средовечни лица во САД биле следени во период од речиси 30 години. Научниците анализирале како влијае нивниот начин на живот на ризикот од мозочен удар. Притоа, воспоставени се седум едноставни животни навики што треба да ги следат луѓето, пишува „Дејли мејл“.
Иако се наведени во група од седум, само четири од нив се променливи фактори. Преостанатите три – одржување нормален крвен притисок, контрола на холестеролот и намалување на шеќерот во крвта – се индиректни ефекти за зачувување на здравјето.
Познато е дека возраста, високиот крвен притисок, пушењето, дебелината, седечкиот начин на живот и дијабетесот го зголемуваат ризикот од мозочен удар. Друг фактор на ризик е семејната историја на болеста. Сите учесници добија полигенска процена на ризикот од мозочен удар, која се базираше на тестови на крвта што идентификуваа мутации што беа поврзани со фатален исход. Тоа ја проценува веројатноста дали едно лице ќе доживее мозочен удар во текот на својот живот, само врз основа на неговата ДНК. И нивните медицински досиеја беа проверени за да се види колку добро ги следат седумте животни навики.
Седумте навики што можат да го намалат ризикот од мозочен удар се: добра исхрана, редовно вежбање, живот без цигари, одржување нормална телесна тежина, одржување нормален крвен притисок, контрола на холестеролот и намалување на шеќерот во крвта.
Нискиот холестерол беше проценет врз основа на тоа дали и колку земале лекови за намалување на липидите. Крвниот притисок исто така бил мерен според лековите што ги земале луѓето, додека шеќерот во крвта се проценувал врз основа на тоа дали се лекуваат од дијабетес.
Евидентирани се статусот на пушење, БМИ, телесната тежина и навиките во исхраната, а физичката активност се мерела во минути неделно. Учесниците со најголем генетски ризик и најлошо здравје на срцето имале најголем животен ризик од мозочен удар, околу 25 проценти. Меѓутоа, оние што ги практикувале седумте здрави навики имале 30-43 отсто помал ризик, покажува анализата.
Оваа практика на крајот додаде уште речиси шест години живот без мозочен удар. Севкупно, групата што најконзистентно ги следела овие навики имала најмалку случаи за мозочен удар (6 проценти), додека оние што најмалку ги следеле овие навики (57 проценти) имале најмногу случаи.
– Нашата студија потврди дека промената на факторите на ризик преку начинот на живот, како што е контролата на крвниот притисок, може да го неутрализира генетскиот ризик од мозочен удар. Можеме да ги користиме генетските информации за да утврдиме кој е во поголем ризик и да ги поттикнеме да прифатат здрав начин на живот – вели водечкиот автор на студијата, професорката Миријам Форниџ, генетичарка на универзитетот „Тексас“ во Хјустон.