Импресивните снимки од дрон го покажуваат почетокот на најавуваниот „град на иднината“ во северозападна Саудиска Арабија, кој се очекува да чини 1 трилион долари. Видеото е снимено од саудиската компанија „От скај“, а на него се гледа почетокот на работата на мегаградот наречен Лајн. Лајн се гради како дел од развојниот проект „Неом“, а се очекува да биде долг неверојатни 170 километри. Покрај градот, ќе се градат и многу други проекти, како што се ски-центри и апартмани за саудиската влада.
На видеото може да се видат голем број багери што копаат широк линеарен ров во пустината, а градежните работници исто така на терен го следат нивниот напредок. Се гледаат и снимки од џиновска дупка, што би можело да значи почеток на изградбата на транспортниот систем што ќе се гради под самиот град. Овој нов транспортен систем е дизајниран да го минимизира нарушувањето на природата и граѓаните се надеваат дека со користење брзи возови жителите ќе можат да патуваат од едниот до другиот крај на градот за само 20 минути.
Лајн официјално беше претставен на почетокот на оваа година, а е дизајниран да прими девет милиони луѓе. Ќе биде висок 500 метри, ќе има „огледална фасада“ и се очекува да биде приближно со иста големина како и државата Масачусетс. Исто така, ќе биде јаглеродно неутрален, целосно напојуван од обновливи извори на енергија.
Плановите за изградба на мегаградот ги направил престолонаследникот Мохамед бин Салман Ал Сауд, меѓутоа многумина се сомневаа дека тој ќе биде изграден поради неговата амбициозна природа. Во документот, принцот тврдеше дека проектот ќе биде завршен до 2030 година, но инженерите предупредија дека може да потрае и до 2050 година за целосно да биде завршена изградбата.