Откако Илон Маск ја презеде челната позиција во Твитер, иднината на оваа социјална мрежа стана сомнителна. Имено, многу корисници на социјалните мрежи почнаа сѐ поинтензивно да се префрлаат на Инстаграм и на Тикток, како и да ги истражуваат нешто поновите и помодерни мрежи како Мастодон и Парлер, кои сега се доживуваат како одредена алтернатива на Твитер.
Во изминатите неколку дена, новодојденец меѓу социјалните мрежи почна да им привлекува особено внимание на интернет-корисниците. Имено, станува збор за платформата Хајв соушл, која во изминатите неколку дена достигна повеќе од два милиони регистрации.
Хајв соушл е комбинација на Твитер и Инстаграм. Изгледа многу слично на Твитер. Можете да следите луѓе и тие можат да ве следат, а исто така имате опција да ставате лајк на објавите на другите корисници. Што се однесува до дизајнот, постои и опција за споделување големи слики како објави, а тоа потсетува на Инстаграм.
По регистрацијата, корисниците ги избираат своите главни интереси, врз основа на кои постои можност да презентираат содржина што е релевантна за нив. Постои можност и за објавување песна на профилот, што потсетува на Мајспејс.
За разлика од Твитер, Хајв соушл има директен хронолошки извор. Исто така, не содржи ништо како сини ознаки за верификација. Нејзината основачка, Ралука Поп (24), всушност го смислила концептот за платформата кога била во средно училиште и ја лансирала апликацијата во 2019 година. Досега беше самоука кодерка што прво ја користеше апликацијата само со еден вработен, но откако мрежата привлече внимание, ангажира дополнителен програмер.
Откако Илон Макс го презеде Твитер бевме сведоци на сомнителна серија на настани. Од 27 октомври, првиот ден на новиот сопственик, Маск го распушти целиот одбор на директори. Милијардерот отпушти повеќе од половина од својата работна сила и ги врати профилите на контроверзниот Доналд Трамп и раперот Канје Вест.
Една од главните точки на контроверзност е дефиницијата на Маск за слободата на говорот на платформата. Има големи прашања за тоа како ќе ја модерираат содржината, но и дали корисниците ќе можат да кажат што сакаат. Многу корисници сѐ уште чекаат какви стратегии ќе воведе Маск, пренесува „Еуроњус“.
Се чини дека некои корисници ги чуваат своите сметки и чекаат да видат како ќе се одвиваат работите, додека други, како актерката Вупи Голдерберг, целосно го бојкотираа Твитер и ги отстранија своите сметки во рок од неколку часа по преземањето.