На 6 и 7 јули во Битола

Камерниот оркестар на Битола, на 6 и 7 јули, ја организира манифестацијата „Балкан гала“, која на посетителите ќе им овозможи да присуствуваат на два концерта, на кои ќе настапат врвни гости од Македонија и од странство.
„Балкан гала“ е фестивал со содржина и форма што го привлекуваат вниманието на пошироката публика, која секоја година во сè поголем број ги посетува настаните на КОБ. Со секое издание, фестивалот ги проширува границите за артистите што гостуваат – велат организаторите.

И навистина, „Балкан гала“ е фестивал со содржина и форма што го привлекуваат вниманието на пошироката публика не само до Битола туку и од целата земја, поради уникатната можност да се слушнат омилените песни во сосема нови симфониски аранжмани, отпеани од омилените пејачи.
– Концертите ќе се случуваат на ракометното игралиште во Битола. Оваа година почнуваме на 6 јули, со „Рок-симфонија“, со почеток од 20.30 часот – соопштија организаторите.

Ќе настапат реномирани имиња и артисти, како Ристо Вртев, Гиле („Електрични оргазам“), Ружица („Ареа“), Пеце („Суперхикс“) и добропознатите и редовни гости на „Рок-симфонијата“ на КОБ – Михајло Трајковски-Сак и Жарко Јакимоски.
Покрај домашните и балканските артисти, на сцената на „Балкан гала“, на 6 јули, ќе настапат и интернационални артисти. По завршувањето на „Рок-симфонијата“, со почеток од 23 часот, на наше огромно задоволство ги имаме британскиот диџеј Дарен Емерсон, бившиот лидер на легендарниот состав „Андерворлд“, и Горан Кан и Херзел од Македонија. На втората вечер, кога на програмата е „Поп-симфонија“, ќе настапат домашни и странски артисти, кои домашната публика немала можност често да ги гледа на нашата сцена, а сега ќе може да ужива во нивните настапи заедно со Камерниот оркестар на сцената на „Балкан гала“, под диригентската палка на маестро Владимир Димовски. На „Поп-симфонијата“ ќе уживаме во настапите на Тони Цетински, Гоца Тржан, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Викторија Лоба и Виктор Апостоловски – соопштија организаторите на настанот.
Цената на еден билет е 550 денари, а на блок-влезница за двете вечери 1.000 денари.