Авионите и птиците го делат небото уште од првиот лет во 1903 година, но тоа доведе до сериозни проблеми, особено во изминатите неколку децении. Судирите меѓу птиците и авионите резултираат со смрт на илјадници животни, а таквите инциденти можат да ги оштетат авионите и да предизвикаат одложување или откажување на летовите. Според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, тоа чини 1,4 милијарда долари секоја година.
Денес се користат разни средства за одвраќање, како што се беспилотни летала и птици грабливки, вклучувајќи и соколи, сѐ со цел да се држат птиците подалеку од аеродромите. Меѓутоа, одгледувањето и тренирањето соколи не е евтино, ниту е лесно да се контролираат птиците.
Решението го нуди холандскиот универзитет во Гронинген, кој разви роботски сокол. Роботот е направен од ЕПП (стаклени влакна и експандиран полипропилен), наречен е „РоботФалкон“, а распонот на крилата му е 70 сантиметри. Овој робот ги имитира движењата на голем и моќен сокол и се покажа како многу ефикасен за да ги држи птиците подалеку.
Роботот се контролира од земја и се напојува со пропелер на секое крило. Опремен е со камера на главата, така што лицето што го контролира има поглед од прво лице. За време на серијата тестови спроведени во 2019 година во градот Воркум во Холандија, „РоботФалкон“ успеа успешно да ги пренасочи сите јата птици од полето за само пет минути. Тој „исчисти“ дури 50 отсто од теренот за помалку од 70 секунди.
Сепак, роботскиот сокол има и свои недостатоци бидејќи мора да го управува обучен пилот и не може да се користи во дождливи и ветровити услови. Исто така, неговата батерија трае 15 минути. Недостаток е што не е толку ефикасен кога се во прашање големите птици како гуски или чапји, а за таа цел треба да се развие поголем робот што би наликувал на орел.
Ова не е првпат да се развива роботски сокол. Во 2017 година, канадскиот меѓународен аеродром „Едмонтон“ стана првиот во светот што користеше дронови во секојдневните операции. Потоа беше тестиран „ЦФС Робирд“ дизајниран од канадската компанија „Клиар флајт солушнс“.
Приказната за роботот „РоботФалкон“ доаѓа по судир на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и јато птици. Овој авион полетал за Мајами, но се вратил во Чикаго и безбедно слетал. Станува збор за „боинг 737-900“, кој требаше да патува за Мајами.
Во 2019 година, американските аеродроми пријавија повеќе од 17.000 напади на авиони од птици. Пилотот Чесли Б. Саленбергер славно слетал со авион на „УС ервејс“ на реката Хадсон во Њујорк во 2009 година, откако двата мотора откажале поради судир со јато птици.