Иновативниот систем за лансирање дизајниран за да катапултира товар во вселената, со брзина од 8.000 километри на час, доби уште 71 милион долари финансирање. Системот „Спинлонч“, кој беше поддржан од НАСА, веќе собра повеќе од 150 милиони долари за комерцијализирање на технологијата.

Се претпоставува дека е првиот систем за лансирање товар во вселената способен да испраќа сателити во орбитата на поевтин и почист начин од конвенционалните ракети.
Методот на хиперсонично лансирање значи и дека сателитите ќе стигнат до орбитата на Земјата за неколку секунди. Кога ќе стигнат до стратосферата, на себе ќе имаат помал погонски систем, кој ќе ги води и ќе ги доведе до нивната конечна позиција во орбитата.

Компанијата „Спинлонч“ веќе има изградено суборбитален акцелератор, кој е висок 33 метри и се состои од челична вакуумска конструкција тешка илјада тони. Суборбиталниот акцелератор беше успешно тестиран минатата година, а долгорочно се планира да стане систем за лансирање сателити.

Системот не бара никаков фундаментален напредок во развојот на нови материјали и може да се изгради со постојна технологија. Целта на системот е да обезбеди евтин и одржлив пристап до вселената – вели директорот на компанијата Џонатан Јани.