Дина Јашари е најмлада добитничка на оваа награда

Младата македонска кантавторка Дина Јашари, со песната „Дома“, е четвртиот лауреат на музичката награда „Милан Младеновиќ 2022“, чие доделување се одржа во Белград. Досегашни добитници на наградата, востановена во 2019-та, беа „Артан Лили“ со песната „Д.Е.П.Р.А.“, „Драм“ со „Дај ми све“ и „Ана енд д чејнџис“ со песната „Ту“. Наградата и Фондацијата се основани во сеќавање на неприкосновениот и вонсериски музичар, поет и врвен уметник Милан Младеновиќ (1958-1994), основач на бендот „Лимоново дрво“, а најпознат како лидер на познатата рок-група ЕКВ.

– Навистина останав без зборови. Ви благодарам многу што го поддржувавте регионот и нѐ следите нас уметниците во сите области, тоа многу ни значи. Ваквата важна награда е голема поддршка за мене и за мојата музика – рече Дина Јашари, примајќи ја наградата на сцената на културниот центар „Дорќол Плац“ во Белград.
За наградата одлучуваше регионално жири, во состав: Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Плованиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ (Србија). Според жирито, сензибилитетот на Дина Јашари директно се одразува на музиката што ја создава, која е лесна и искрена, некогаш меланхолична, некогаш весела и ведра.

Дина Јашари е најмлада добитничка на оваа награда од нејзиното востановување во 2019 година, а наедно е прва добитничка од Македонија.
Доделувањето на наградата „Милан Младеновиќ“ беше отворено со настапот на детскиот „Рок-хор“, кој ја изведе песната „Земља“ на ЕКВ, а потоа беше најавено скорашното објавување на ново винилно издание на култната група. Станува збор за еден анплагд-настап на ЕКВ во студиото М1, во Македонската радио-телевизија во Скопје. На мастерингот на снимката работеше Драгиша Ускоковиќ, бивш член на бендот. Албумот треба да излезе на 7 октомври, во издание на „Јуниверзал“, а во соработка со фондацијата „Милан Младеновиќ“, познатиот музички новинар Иван Беќковиќ напиша пригоден текст за ова винилно издание. М.Т.