„Југотон Кроација рекордс“ го претставува „Ехо“, деби-албум на исклучителната македонска уметница Зарина Првасевда. Таа е македонска уметница, вокална изведувачка и музичарка, која исполнува и македонска и светска традиционална музика. На неодамна одржаниот концерт во Македонската филхармонија, по повод издавањето на албумот „Ехо“, Зарина ја воодушеви публиката, која ја наполни салата до последното место.

Зарина за себе вели дека ја црпи својата инспирација од природата, од секојдневниот живот на античките луѓе низ историјата, во споредба со она што го живееме денес, од моменталната културна и емоционална еволуција, како и од карактеристичните особини на културите на луѓето за кои е заинтересирана и постојано истражува.
Таа се стреми да ја смести традиционалната музика во една поинаква, единствена и алтернативна форма. Музиката ја задржува својата автентичност, со помош на вокални техники што ѝ одговараат на традицијата. Кога станува збор за инструментална работа, Зарина создава изобилство на различност и чувство за простор и слобода, комбинирајќи стилови, ритми и украси типични за карактеристичните култури и региони што ги запознала.

Нејзиниот студиски деби-албум, во издание на најголемиот регионален издавач „Југотон Кроација рекордс“, има 11 традиционални песни од различни делови, изведени на четири различни јазици и е создаден во соработка со врвните музичари: Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски, Александар Петров, Оливер Јосифовски, Дарко Фурнаџиски, Гоце Димовски, Филип Михајловски, Оливие Самоилан, Ратко Даутовски, Благојче Трајковски, Газменд Бериша…