Во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска ќе се одржи манифестацијата „Опен бјути хеар фест“, единствена во нашата држава посветена на фризерите. Всушност, ова е продолжение на два слични фестивали, исто така одржани во овој град, но ребрендиран и подигнати на повисоко професионално ниво, со учесници од земјава, но и од други држави.
Организатор на фестивалот е здружението за настани, манифестации и едукации „Проевент – Прилеп“, во соработка со Секцијата на фризери, бербери и козметичари од овој град. Директор на фестивалот е Крешимир Здравески, кој е наедно и креатор и реализатор, како на претходните така и на овој фестивал. Фестивалот ќе се состои од: саем со штандови на кои ќе се претстават еминентни светски брендови за производи за нега на коса, опрема и алати, како од земјата така и од Италија, Србија, а ќе има и сценски шоу-настапи на еминентни фризерски имиња од Македонија.
Специјални гости се два тима од Србија, европски и светски носители на награди и едукатори во областа на фризерството. Фестивалот ќе започне од 11 часот, со дел посветен на децата, насловен Фризерско детско шоу, со многу забава, изненадувања и едукација.
– Неофицијалниот дел на фестивалот ќе го збогатат денс-студиото „Њу џенерејшен“, детскиот хор „Весели ѕвончиња“, маскоти, аниматори. За помладите ќе има и едукативна презентација од стручно лице, кое ќе ги едуцира дечињата преку интересна интеракција и анимација за нега и грижа за детското здравје. Исто така, децата ќе видат нови модни трендови на коса и прекрасни детски фризури, за што ќе има професионален сценски настап со деца модели. Од 13 часот, започнува делот со настапи на тимови од: СОУ „Ѓ. Петров“, насока фризери и козметичари, „Теса бјути академија“, „Фарма вита“, „Кене“, „Србија гламур тим“, „Србија барберинг тим“, тимот „Прилеп“ и тимот „Македонија“. Со овој фестивал, Прилеп уште еднаш докажува дека е град лидер во одржување и унапредување на занаетчиството и наедно пример за идните млади фризери – вели Крешимир Здравески.
Тој потенцира дека дел од средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели, односно за изградба на трибини за теренот за вештачка трева во Прилеп.
Ка.М