„Сцена продукција“ оваа година ќе го одбележи својот втор роденден со концерт. Првиот вокал и еден од основачите на еден од најпопуларните поп-рок состави во поранешна Југославија, загрепско „Прљаво казалиште“, за првпат ќе одржи концерт во Македонија, и тоа ексклузивно во Битола, на ракометното игралиште.
Даворин Боговиќ на 17 август во Битола ќе го донесе својот црно-бел свет. „Моето име е Даворин Боговиќ, а сѐ околу мене е црно-бел свет“ се стиховите со кои Даворин влезе во историјата на поп-културата на овие простори и се лансира во орбитата на популарноста. Даворин на задоволство на сите ќе ги отпее хитовите што го обележаа југословенскиот нов бран, „Ми плешемо“, „Црно-бели свет“, „Све је лако кад си млад“, и десетици други хитови, кои ги знаат неколку генерации од овие простори.
– На 17 август конечно ќе имам концерт во Битола, каде што претходно бев со театарска претстава, но ова е она вистинското. Ви ветувам добра свирка и забава. Почнуваме со старите хитови, па сѐ до поновите како „Моја вољена“, „Низ брдо од љубави“, „Љубав вјерна како пас“… Се радувам на скорото доаѓање, дојдете да се дружиме во што поголем број – вели Даворин пред концертот во Битола.
Атмосферата ќе ја загрева метал-сензацијата од крајот на 1990-тите, една од најдобрите македонски метал групи „ФАЏ“, која повторно се враќа на сцената со концертни настапи.