Пронајден е најстариот доказ за тоа како и кога почнале луѓето да готват

Британскиот антрополог Ричард В. Рангам е голем поборник на таканаречената хипотеза за готвење. Рангам тврди дека еволутивната промена од сурова кон зготвена храна е трансформациски момент, кој го зајакнал дигестивниот систем на луѓето и дозволил нивниот мозок да расте, што довело до развој на видот. Новото откритие во Израел ја прави таа идеја уште поцелосна. Меѓународен тим научници што работат во северниот сектор на Мртво Море тврдат дека ги пронашле најраните знаци на готвење од праисториските луѓе.
На археолошкиот локалитет наречен Гешер Бенот Јааков, остатоците од риба слична на крап покажуваат знаци дека внимателно се загревале пред дури 780.000 години. Ова откритие не е најстар доказ за контролирана употреба на оган од раните луѓе, но е најстар доказ во Евроазија.
Во Африка, локалитетите што биле населени со хомо еректус, а кои датираат од пред најмалку 1,5 милион години, содржат јаглен и изгорени коски. Сепак, ова се само индиректни знаци на горење, а не јасни знаци на готвење. Многу е потешко да се дојде до докази. Всушност, знаците на готвење не се појавуваат во археолошките записи дури по доаѓањето на неандерталците и хомо сапиенсот. До неодамна, најстариот доказ за готвење беа загреаните остатоци од скробни растенија пронајдени во подземна печка во Африка. Локалитетот датира само 170.000 години, што е 600.000 години откако раните луѓе во Израел готвеле риба во долината во близината на Мртво Море.
– Не знаеме точно како се готвела рибата, но со оглед на недостигот од докази за изложеност на високи температури, јасно е дека не е зготвена директно во оган, ниту е фрлена во оган, ниту пак е употребена за греење – вели археологот Јенс Најорка од Природонаучниот музеј во Лондон.
Неодамнешната анализа на тимот сугерира дека забите на древната слатководна риба на ова место биле пронајдени во блиското место, каде што некогаш имало езеро и било откриено дека биле изложени на температури погодни за готвење. Наодите ја поместуваат контролата на огнот на нашите предци назад во средината на плеистоценот, кога популациите на хомо еректус им отстапиле место на хоминините со поголем мозок, како што е хомо хејделбергенсис.

– Стекнувањето на вештината потребна за готвење храна претставува значителен напредок во еволуцијата, бидејќи обезбеди дополнителни средства за оптимално користење на расположливите прехранбени ресурси. Можно е дури и готвењето да не било ограничено само на риби туку да вклучувало и разни видови животни и растенија – објаснува археологот Нама Горен-Инбар од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.
Гешер Бенот Јааков е место богато со остатоци од античките хоминини. Овде археолозите пронајдоа докази за алатки од кремен, базалт и варовник, како и овошје, јаткасти плодови, семиња и остатоци од многу видови копнени цицачи – средни и големи. Јасно е дека оној што живеел во оваа долина добро ја познавал земјата. Но истражувачите веруваат дека нивното разбирање за слатководните живеалишта ѝ овозможило на оваа популација навистина да напредува.
Можеби дури и им помогнало на луѓето да го напуштат африканскиот континент и да живеат на друго место. Скокајќи од едно на друго слатководно живеалиште, хоминините можеле да обезбедат добра понуда на свежа вода и храна богата со хранливи материи.
Научниците со години тврдат дека јадењето риба богата со омега масни киселини, цинк и други клучни хранливи материи е она што му овозможило на човечкиот мозок да развие толку голема сложеност. Суровата риба веројатно одлично им одговарала на најраните хоминини, но бидејќи готвената риба влезе во исхраната на нашите предци, го олесни варењето и ги спаси луѓето од консумирање опасни патогени. Исто така, на мозокот на хомининот тоа му дало поголем поттик за развој. Рибата приготвена во денешен Израел можеби е само почеток на кулинарските вештини на нашето човештво.
– Оваа студија обезбедува докази за готвење риба од раните хоминиди, нагласувајќи ја улогата на мочуриштата во обезбедувањето стабилен извор на храна во текот на целата година, што одиграло важна улога во опстанокот и ширењето на хоминините низ Стариот Свет – заклучуваат авторите.