Во македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн се одржa промоција за две книги од Јагода Котеска Здравеска, романот „Љубов по слика“ и биографско-етнографската сторија „Велика“. Промоцијата се одржа во просториите на „Мил парк лајбрери“. Промотор на „Љубов по слика“ беше Гордана Димовска.
– Овој роман не остава никого рамнодушен, читајќи го ќе заплачете од убаво опишаните моменти меѓу главните јунаци Јана и Никола, ќе се восхитите од постапките, начинот на кој размислува младата Јана, па ќе се запрашате можеше ли нашиот народ малку поинаку да размислува во тоа време. Можеше ли да се справи со сиромаштијата и моралните норми на некој друг начин наместо заминување од родниот крај? Ликот на таткото Борис му дава поинаков, неочекуван развој на настаните, но оттука се поставува и прашањето зошто се дозволи една човечка грешка, една одлука да им наштети толку многу на двајца млади. А тоа било и вистина во тоа време, да се слуша одлуката на родителот, па макар да има какви било последици – нема бегање од пишаното. Ова е роман што по раскажувачкиот тек и опис на настаните, местата, празниците личи на романите на Стале Попов – „Крпен живот“, „Калеш Анѓа“. Ќе ве воведе во мирнотијата на селото, едноставноста на карактерите, мудроста од старите, препреките со кои се соочуваат.

Овој роман им го препорачувам на младите генерации за да можат да научат дел од македонското минато во 1960-тите и 1970-тите години во македонските села и градови, менталитетот во тие повоени услови, економска неразвиеност, потреба да се снаоѓа како што знае и умее и пак бавно, но сигурно да најде пат до нова егзистенција далеку од родните огништа – рече Димовска.
Таа го препорача романот како основа за разработување на темата печалбарство, како роман во кој се негува македонскиот јазик прикажан во јасна едноставна форма, роман во кој сѐ е македонско, и имињата на селата, и имињата на личностите, типични македонски што не треба да се заборават.
Поетот Крсте Наумовски-Мечкар беше промотор на книгата „Велика“, која е етнографска сторија во која детално се опишани многу елементи од животот и обичаите на семејството на мајката Велика, а типични и за жителите од селата од пелагонискиот крај. Извадоци од книгите прочитаа Снежана Џамбазова Попорданова и Лидија Стојановска.