Многу познати филмови денес би изгледале сосема поинаку доколку прво не ѝ се прикажеле на публиката како тест. Практиката филмовите да се тестираат од избрани гледачи пред нивното финално претставување постои стотици години. Предлозите, коментарите и емотивните реакции по тест-проекциите од затворен тип значително променија многу филмови и, секако, влијаеја на нивната популарност.

Лакмус за режисери

Пробните проекции се речиси исто толку стари колку и самото кино. Пионер на пробите пред публиката е Харолд Лојд, кој ги играше своите неми комедии на пробни проекции во 1919 и 1920 година. Неговиот современик Бастер Китон, исто така, ѝ веруваше на публиката на пробните проекции. Во комедијата од 1925 година, „Седум шанси“, Китон играше избезумен херој што трча низ селото бегајќи од орда гневни жени во венчаници. Гледачите беа воодушевени од оваа потера и навиваа за херојот додека тој ги туркаше камењата од ридот. Ова инспирираше нова сцена што се појави во финалната верзија на филмот, онаа во која Китон избегнува лавина од карпи што се тркалаат.
Еден век подоцна, тест-проекциите сè уште се примарен тест за слушање на публиката. Луѓето се канат во кино без однапред да знаат кој филм ќе го гледаат, а по проекцијата ги кажуваат своите впечатоци. Клучните прашања на стандардниот формулар се – каква беше вашата реакција на филмот воопшто, како и дали би им го препорачале овој филм на вашите пријатели.
Со текот на времето, прашалниците станаа подетални, со прашања поврзани со почетокот и крајот на филмот, ликовите и заплетот, должината, дијалогот, хуморот… Се организираат и дискусии во фокус-групи, а се користат и различни проекции за испитување различни аспекти на филмот.
Денес, околу 90 отсто од комерцијалните филмови го поминуваат тестот на публиката. Во повеќето случаи се случуваат промени, а режисерите можат да видат колку се претенциозни или самозадоволни. А повеќето филмаџии веруваат дека тестирањето на филмовите не им ја одзема визијата, туку само помага да се оствари.

Трансформирани култни филмови

Во популарниот и наградуван мјузикл „Ла ла Ленд“, режисерот Демиен Шазел размислувал дали да ја тргне воведната сцена на автопатот во филмот. Сакаше да ја исфрли, но по ентузијазмот на публиката на тест-проекциите реши да го задржи таквиот почеток на филмот.
Пример за интервенција на тест-публиката што доведе до радикални промени е реализацијата на „Венчавката на мојот најдобар пријател“, култна романтична комедија од 1997 година. Публиката сметаше дека ликот што го игра Џулија Робертс е премногу суров за на крајот од филмот да танцува со нејзиното потенцијално момче, па филмот завршува со танцување со нејзиниот пријател хомосексуалец.
„Фатална привлечност“ е еден од најпознатите филмови што драматично се промени откако беше прикажан пред тест-публика. Во првата верзија на овој филмски класик за љубовен триаголник со хорор-елементи, Глен Клоуз (која глуми опседната љубовница) се самоубива, додека во таа што стигнува до публиката таа е убиена од измамената жена, за да си го заштити семејството. Публиката на тест-проекциите, всушност, го избра овој крај.
Кога филмот „Добри момци“ беше прикажан на јавноста на тест-проекција пред неговата премиера во 1990 година, резултатите беа катастрофални. Публиката тогаш оцени дека филмот е премногу насилен. Проекцијата беше отрезнувачка за режисерот Мартин Скорсезе, по што тој ги ублажи сцените на насилство и ги внесе сцените што се случуваат помеѓу криминалецот што го игра Џо Пеши и неговата мајка. Промените беа позитивни, „Добри момци“ освои шест номинации за „оскар“, а Пеши доби „оскар“ за најдобар актер во споредна улога.
Големиот филмски хит од 1990 година беше „Убава жена“. Режисерот Гери Маршал првично снимаше различни делови од филмот (разликата беше во интензитетот на драмата и мрачните тонови) и го слушаше пулсот на публиката. Гледачите се одлучија за најсреќниот крај, оној каде што Вивијан и Едвард завршуваат заедно.

И „Булевар на самракот“ претрпи измени

Филмот „Булевар на самракот“ од 1950 година денес се смета за класика на жанрот ноар, а за неговиот успех во голема мера е заслужна публиката што го гледала филмот на пробната проекција. Во воведната сцена, телото на Џо Гилис (Вилијам Холден) лебди во базенот, а нараторот раскажува како стигнал таму. Во верзијата што ја видела тест-публиката, Џо е во мртовечница, на масата за реанимација и почнува да им ја раскажува својата приказна на другите тела во близина. Сцената предизвика хистерична смеа кај публиката, а на режисерот Били Вајлдер му беше јасно дека публиката го доживеа филмот како црна комедија (и беше збунета кога филмот потоа отиде во насока на драма) и ја промени воведната сцена.
Епската сага „Титаник“ беше снимена од режисерот Џон Камерон во 1997 година и беше објавена во кината по значајните промени што следуваа по пробните проекции. Оригиналната верзија на „Титаник“ траеше 45 минути подолго. По пробите, Камерон отсече најмалку десет сцени, вклучувајќи и продолжена секвенца што го прикажуваше Џек (Леонардо ди Каприо) како се бори со злобниот Лавџој додека бродот тоне.
И филмот „28 дена подоцна“, класика за живи мртовци на британскиот режисер Дени Бојл од 2002 година, претрпи значителни промени. Првично снимената верзија завршува со тоа што Марфи умира сам во болнички кревет. Тест-публиката мислеше дека овој крај е мрачен, па режисерот смисли нов – во финалната верзија Марфи се буди во колиба и открива дека живите мртовци умираат од глад.