Првите луѓе на фестивалот ги завршуваат договорите за 29-то издание на „Охрид фест“: Григор Копров, Љупчо Соколовски и Горан Шарац

Подготовките за најновото, 29-то издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид фест “, една година пред 30-от јубилеј, се во полн ек.

На 2 септември, на сцената на Долни сарај во Охрид, во фолк-вечерта ќе настапи домашната фолк-елита, а свое шоу ќе има популарниот пејач од Србија – Мирослав Илиќ („Божанствена жено“, „Није живот једна жена“, „Још те нешто чини изузетном“, „Поломиќу чаше од кристала“…). Во текот на втората фестивалска ноќ, на 3 септември, ќе видиме многу атрактивни музички имиња од Балканот.
– Бастионот на убавата македонска песна „Охрид фест“, годинава ќе понуди одлична фолк и интернационална вечер, каде што на 2 и 3 септември ќе настапат докажани музички имиња и, бидејќи ги охрабруваме новите музички сили, даваме можност дебитантите да ја започнат музичката кариера токму од Охрид – вели првиот човек на „Охрид фест“, Григор Копров.

Традиционално, водители на фестивалот се Каролина Петковска во фолк-вечерта и Маријана Станојковска и Васил Зафирчев во интернационалната вечер, кога ќе настапат многу познати имиња.

Од Србија доаѓаат Кики Лесендриќ и Срѓан Марјановиќ, од Хрватска доаѓаат Владо Калембер, Златко Пејаковиќ, Теди Грубица и Јурица Паѓен („Аеродром“ „Азра“, „Парни ваљак“), од Босна и Херцеговина доаѓа Ален Исламовиќ, словенечките музичари се Божидар Волф, Инес Ербус и Давид Амаро, од Бугарија ќе го видиме дуото „Експозе“ (Expose), од Албанија – Рина Рамадани, а гостин од Грција е Толис Дамјанос.
Советот на фестивалот најавува уште многу изненадувања.

Наградите за промоцијата на музиката на Балканот им се доделуваат на Мирослав Илиќ, кој ќе има свој мини-концерт во фолк-вечерта, и нашиот Гарабет Тавитјан-Гаро, кого ќе го видиме во интернационалната вечер.

Од најубавата сцена на Балканот, Долни сарај, фестивалот директно ќе го пренесува националниот сервис МРТВ, а преносот ќе го емитуваат над десет телевизии од регионот.