Сардинија е позната по тоа што е дом на најстарите луѓе во светот. Таа е идентификувана како една од петте таканаречени сини зони, места со најголема концентрација на стогодишници. Меѓутоа, овој дел од светот крие и суперсина зона, поточно селото Пердасдефогу. Во ова мало место има девет стогодишници на 1.780 жители, што е признаено како рекорд во Гинисовата книга. Научниците што го проучуваат феноменот во Пердасдефогу открија неколку објаснувања за долговечноста на неговите жители. Тоа се чистиот воздух, активниот животен стил и исхраната богата со свеж зеленчук.
На пример, Пиучија Лаи, која го прослави својот стоти роденден на 21 февруари, вели дека никогаш не станува целосно сита од масата. Јаде малку месо и многу малку пие кафе.
– Верувам дека начинот на кој пристапуваат кон стресот игра голема улога во нивната долговечност. Родени се пред 100 години и сигурно немале лесен живот. Имало и глад и војна. Но овие луѓе успеале да се приспособат, ако постои проблем, тие брзо го решаваат – вели Луиза Саларис, професорка по демографија на Универзитетот во Калјари.
Адолфо Мелис, 99 години, објаснил дека сè што јадело неговото семејство било од градината.
– Многу е важно што ставате во стомакот – истакнува тој, убеден дека исхраната е главната тајна за долг и здрав живот.
Адолфо напоменува дека во локалната исхрана има многу месо и свежа риба, бидејќи од морето ги дели еден час возење, но трикот е да се јаде малку, но квалитетно. Тој додава и дека е важно да сте физички активни.
– Нашите еколошки услови играат клучна улога. Живееме во место каде што воздухот е чист. Нашите стогодишници постојано се движат во здрава животна средина. Тие собираат огревно дрво или работат во своите градини. Друг важен фактор е тоа што Пердасдефогу го чува чувството за заедница. Постарите сè уште живеат во куќи, а не во домови за стари лица. Друштвеноста е исклучително важна, затоа што ако имате добри социјални контакти, паметите и разговарате, живеете добро – смета стогодишниот Виторио Лаи.