Музичкиот фестивал „Таксират“ годинава собра повеќе од 20.000 посетители, и тоа само во досегашната програма на актуелното издание, во чии рамки допрва следува уште еден голем настан, главната вечер на 7 декември. Во низата веќе одржани настани, последен и меѓу најпосетените досега беше ПИН – меѓународниот фестивал и конференција, кои во рамките на „Таксират“ се одржуваа минатиот викенд во Скопје, со повеќе од 6.000 луѓе од цела Европа и подалеку, кои во вкупно три дена го исполнија буквално целиот простор на Младинскиот културен центар. Од 24 до 26 ноември, ПИН беше музичкиот епицентар во Југоисточна Европа и збирно место на дејците од европската музичката индустрија. Запишувајќи се како еден од најзначајните вакви настани во регионот, ПИН годинава беше домаќин на над 350 делегати, експерти од музичката индустрија од 32 држави, најмногу од Европа, но и од другите континенти, меѓу кои беа и повеќе од 60 говорници што ја збогатија дневната панел-програма, додека пак концертите на речиси 45 изведувачи што пристигнаа од 16 различни земји ги „оживеаја“ скопските ноќи.
Претходно, пак, во рамките на „Таксират“ се одржаа и низа целосно распродадени концерти, и тоа два на светскиот музички феномен „Дед кен денс“ во Филхармонијата, потоа Ману Чао и „Хладно пиво“ во МКЦ и, секако, неодамнешниот фантастичен концерт на светски познатиот виолинист, маестро Андре Риу во арената „Борис Трајковски“.