Тим кинески научници пронашле можни траги од вода на Марс, се вели во студијата објавена во научното списание „Нејчр“.

Нивните наоди се засноваат на податоците собрани од првата кинеска мисија на Марс, Тианвен-1, за време на која роверот слета на површината на Црвената Планета, пренесува Кинеската медиумска група (ЦМГ).

Роверот, наречен „Журонг“, е опремен со радар што може да скенира подземни материјали по неговиот пат – прв во светот. Тој патувал 1.171 метар во првите 113 дена на Марс.

Радарот може да скенира длабочина дури и до 80 метри. Иако не нашол директен доказ за вода, тој открил слоеви на земја што очигледно биле обликувани од водната активност, кои датираат од пред околу 3,5-3,2 милијарди години. Според студијата, водните активности може да биле антички поплави.

Научниците открија дека сѐ уште е рано да се исклучи постоењето на мешавина од мраз и сол на Марс.