Контаминацијата на овошјето и зеленчукот произведени во Европската Унија со најтоксични пестициди значително се зголемила во изминатата деценија, покажа новото истражување на европската невладина организација ПАН.
Во извештајот на организацијата наречен „Забрането овошје“ се наведува дека граѓаните на Европа се изложени на „драматично зголемување“ на зачестеноста и интензитетот на остатоците од пестициди.
ЕУ има строги правила за пестициди и претходно соопшти дека сака да ја преполови нивната употреба до 2030 година, како дел од нејзината цел за намалување на емисиите на стакленички гасови на нула до средината на векот. Спротивно на податоците на Европската комисија од 2019 година, кои покажуваат намалување на опасните пестициди за 12 отсто во однос на периодот од 2015 до 2017 година, во извештајот се тврди дека нивната употреба всушност се зголемила за 8,8 отсто. Европската комисија не одговори на барањето за коментар.
Најопасните пестициди спаѓаат во групата „кандидати за супституција“, кои комисијата ги означи како проблематични и им порача на земјите-членки дека пестицидите од групата треба да се заменат со помалку токсични материи. Некои од нив се поврзани со ризикот од предизвикување рак, проблеми со срцето и други сериозни болести.
– Употребата на најопасните пестициди во Европа всушност расте, а не опаѓа. Законите се игнорираат, а потрошувачите се изложени на зголемен бран на изложеност на хемикалии – се вели во извештајот.
Вкупно 97.170 примероци од овошје беа вклучени во анализата за 2011 и 2019 година. Стапката на контаминација беше 18 проценти во 2011 година и се искачи на 29 проценти во 2019 година, со просечно зголемување на контаминацијата од 53 проценти за девет години. Додека кивито пред 10 години беше речиси без овие супстанции, сега околу една третина е контаминирана, а 50 отсто од сите земени цреши беа контаминирани во 2019 година, во споредба со 22 отсто во 2011 година.
– Често храната покажува повеќекратни остатоци од две или повеќе од овие токсични материи во исто време. Ова јасно покажува дека државите никогаш не ги примениле правилата за замена и дека не ја исполниле својата одговорност да ги заштитат потрошувачите – изјавија активистите.
Од организацијата велат дека членовите треба веднаш да ги забранат 12-те најтоксични „кандидати за супституција“ и ја повика Европската комисија да обезбеди независно следење на упатствата за замена до крајот на годината.