По неколку годишна пауза, поради ковид-заклучувањата, на 20 ноември, во „Јаравил гарденс“ се одржа најубавиот и најголем македонски фестивал на храната во Мелбурн, Австралија. Мелбурн е град на фестивали, па и македонскиот фестивал на храната придонесува за тоа да го носиме тој епитет. Организацијата MACO, во која се вклучени голем број културно-уметнички друштва, литературни, учителски, социјални друштва, поединци и бизнисмени, вложува огромни напори во континуирано одржување на традицијата, презентирање на македонските јадења на најубав начин.
Со рекорден број посетители, кои не сакаа овој фестивал да заврши, и по деветти пат потврдивме дека сме организирани, сложни и ја сакаме, негуваме, продолжуваме македонската традиција иако далеку од родната земја.
Македонското фолклорно богатство, кое ги вклучува македонските ора, песни, традиционални носии, е препознатлив белег и денес се користат за промоција на македонската култура во светот. Дел од ова богатство беше презентиран преку носиите стари повеќе од еден век, песните и ората на фолклорните друштва: КУД „Јане Сандански“, „Гоце Делчев“, „Светлост“, „Бенџо академи“, „Виетнамесе денсинг груп“, „Секо бенд“, Сања Ристевска од Македонија, Вера Трајковски, Лидија Јаневска, Васко, Боге Ристевски, Иван Радески, Џесика Стојчевска, Петар Дамчевски… Најмладите ученици при викториското училиште ги разведрија присутните со рецитации на стихотворби на македонски јазик.
Фестивалот и оваа година понуди голем избор на храна, за што се погрижи „Шелдон рецепција“, а оваа година познатиот шеф од Македонија, Борче Стојановски, на еден од штандовите понуди убав избор на македонски вкусни специјалитети. Ова e уште едeн голем настан, уште една можност и место каде што се отсликува македонската традиција, култура, јазик и фолклор, својствени за Македонците каде и да се во светот. Традицијата не згаснува, само продолжува. Македонија е непресушна ризница, од која наследивме многу и имаме што да прикажеме во светот.

Гордана Димовска од Мелбурн, Австралија