Почнува Европскиот филмски предизвик

Трета година по ред во земјава се организира „Европскиот филмски предизвик“, кој трае од 21 ноември до 29 јануари и на кој најпосветениот гледач на европски филмови ќе биде награден со патување на реномираниот филмски фестивал „Берлинале“. Предизвикот е во текот на 10 недели да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во киносали, телевизија или на легални онлајн платформи, за што се добива различен број поени. Годинашниот предизвик е и поддршка на македонските филмови, кои од оваа есен се на репертоарите во кината, па затоа во предизвикот сите тие ќе се вреднуваат со дополнителни 10 поени, кои на филмофилите им носат поголеми шанси за победа во предизвикот.
Првиот чекор за да се учествува на натпреварот е секој заинтересиран да се регистрира на официјалната веб-страница, за што е потребно да има најмалку 18 години. Понатаму учесникот треба да изгледа 10 фила, кои ќе ги внесе на својот профил, и за секој филм да го прикачи насловот заедно со фотографија што докажува дека го гледал филмот и да го наведе местото или платформата на која го гледал. Проектот во земјава го имплементира центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.

– Проектите низ кои ги шириме гледиштата, се едуцираме и излегуваме од сопствените граници се од исклучително значење за нас како организација. Ова е веќе трета година како го реализираме Европскиот филмски предизвик и семејството на посветени филмофили и ентузијасти околу европската кинематографија исто така полека, стабилно и сигурно се зголемува. Културата и културните навики на граѓаните се одраз и за еманципираноста на една земја, но сето тоа е континуиран процес. Само еден од нашите проекти во таа насока е предизвикот и се надеваме дека како и досега ќе продолжи да расте – велат од „Блинк 42-21“.
„Европскиот филмски предизвик“ е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, препораки и ексклузивен пристап до филмови и фестивали.