Песни што ме тераат да играм

Предраг Жустриќ–Жуга и Јасмин Нишиќ–Пишоња се стварни ликови израснати на сараевските асфалти. Родени се во поствоено Сараево по Втората светска војна. Тоа е време на снажни момци кога се знаеше кој е кој, имаше хиерархија. Ако некој од постарите ти кажеше да одиш по цигари и пиво, или да скокнеш од мост, не се буниш, само извршуваш. И така тоа се пренесуваше со генерации. Имаше некаков тип заемен договор, конкуренција, почит, џентлменство. Во тоа време Пишоња и Жуга беа 17-годишни момци со врела крв. Израснати во населбата Центротранс во Сараево, каде што претежно живеат фамилии на возачи и каде што сите имаат клучеви од гаражите. Овие двајцава, дрпаат клучевите од родителите, крадат автобус и тргаат на море. Но, ете, немаат среќа, автобусот требало да оди на ремонт поради расипани кочници. Полицијата ги стопира, а тие гас до даска и излетуваат од патот. Не загинуваат, ама се повредени и лежат во болница. Со тоа стануваат неприкосновени легенди на сараевскиот асфалт. Пишоња погинува во 1992 г. за време на војната, а Жуга од старост во 2016 г. Песната ја напиша Давор Сучиќ, лидерот на „Забрањено пушење“, кога со нив беше д-р Неле Карајлиќ за албумот „Поздрав из земље Сафари“. Ова е времето на заедничка СФРЈ кога не се гледаа религија, нација, боја, социјален статус. Сите беа исти, а Сараево го имаше тој неверојатен отворен зафркантски дух, кој преку „Топ листа надреалиста“ ја зафати цела Југославија.
Слична приказна како оваа се случи и во Скопје. Боге беше возач на автобус во ЈСП. Беше еден од најквалитетните возачи со големо искуство и кога се отвори линија до Дубровник, тој требаше да ја покрива оваа линија. Доаѓа денот на првото поаѓање, доаѓа делегација на СКМ, на Град Скопје, некој претставник од министерството, директорите на ЈСП. Балони, жива музика, јадење, пиење, права фешта. Половина Скопје излезено на големиот ден. Меѓу нив и Стојна (жената на Боге) го облекла свечениот фустан што го добила од тетка ѝ од Америка за посебни пригоди и сега првпат го носи. А Боге е главната личност, не знаеш кој повеќе му се умилкува. Облечен во новата униформа со нови чевли, чиниш Клерк Гејбл лично ќе го вози. Се качуваат патниците во автобусот, седнува Боге на возачкото место и како што е ред му ја проверуваат документацијата. Сепак, далечен е патот. Брка Боге во еден џеб, па во другиот, па во задниот, па под седиште, па ја праќа Стојна да провери во долапчето дома, ама возачката ја нема. Директорот на ЈСП прави фаци, тука се тие што го поставиле за директор, а тој не ја исполнил задачата. Поминува час, два, три. Општа паника. И тогаш дознаваат дека Столе, 17-годишниот син на Боге, ја дрпнал возачката од татко му и со другари заминал за море. Но никој не знае каде. Возачката ја дрпнал затоа што Боге и Столе биле како копија, а сликата на возачката била од младоста на Боге. Општ хаос, половина Скопје тргнува во потрага по Столе. Не го наоѓаат. Автобусот не тргнува, ни тој ден, ни на наредната тура по три дена. Директорот на ЈСП е казнет, Боге е казнет, а Стојна од срам два месеца не излегува од дома. Легендата вели дека Столе се вратил од море по еден месец и оттогаш никој повеќе не го видел.

Љупчо Давчев