Светилки, украси, колачи, варено вино… Се наближува најубавото годишно време. Многу европски градови нудат божиќни пазари како од бајка. Подолу можете да најдете некои од прекрасните божиќни пазари што имаат идеални локации за одлични фотографии.

Виена
Австрија е позната по многубројните саеми и концерти пред Божиќ. Таа е омилена туристичка дестинација поради многубројните културно-историски споменици, а голем број туристи доаѓаат во Виена, која е најукрасена за време на Божиќ.
Задолжителна е посетата на главниот симбол на Виена, катедралата „Св. Стефан“, која се наоѓа во центарот на стариот град и е под заштита на УНЕСКО, а пред која се одржува најспектакуларниот божиќен саем. Катедралата обично е осветлена со разнобојни ласерски бои, кои даваат дополнителна посебна божиќна атмосфера.
Тука се и замоците „Шенбрун“ и „Белведере“, во чии дворови ќе ги најдете најубавите украси и лампиони за украсување на елката. За време на божиќните празници, дрвјата пред зградата на парламентот се украсени со прекрасни сини светла, кои на голите крошни им даваат романтичен изглед.
Со традиционалните топли австриски колбаси и вино со каранфилче, посетете ги забавниот парк „Пратер“ и неговиот монументален кружен рингишпил, место од кое има прекрасен поглед на целиот украсен град.

Будимпешта
Еден од најубавите градови во Европа, Будимпешта (Унгарија), привлекува туристи од целиот свет со своите културни и историски знаменитости. Во зима Будимпешта е исклучително посакувана дестинација благодарение на популарниот божиќен пазар и многубројните атракции.
Прославата започнува во базиликата, каде што повеќе од 100 занаетчии и гастрономски продавачи нудат популарна саемска храна, украси и ракотворби, како и голем број подароци.
Традиционално, секоја недела се пали нова свеќа на голем божиќен венец, а низ градот се одржуваат разни концерти. Пред базиликата „Св. Стефан“ можете да најдете вкусни унгарски специјалитети и атракции, како детско лизгалиште опкружено со голема елка.

Лондон
Доколку сакате да почувствувате вистинска зимска и празнична атмосфера со духот на минатото, Лондон е совршено место токму за такви моменти. Туристите најмногу се привлечени од божиќните украси на улицата Оксфорд. Улицата е украсена со илјадници божиќни ѕвезди, што ѝ дава магичен изглед.
Но тука е и магичниот зимски саем „Винтер вондерленд“ во „Хајд парк“, кој нуди многу разновидни штандови, големо зимско лизгалиште, вртелешки, адреналински возења и тематски барови за возрасни. За најспектакуларен поглед на градот, удобно седнете во големото тркало, кое ќе ве издигне на 60 метри над Лондон.
Кралската фестивалска сала ќе биде исполнета со свечени активности и претстави за Божиќ. Во големиот избор посебно се издвојува „Ролер диско“, а потоа следуваат зимскиот саем покрај реката Темза, работилниците, свечените концерти на класична музика и, секако, спектакуларното „Славас сноушоу“.

Париз
Иако на Париз не му недостига шарм, Божиќ му прилега многу – украсен со новогодишни светилки и украси, нуди уште повеќе да се види и доживее од вообичаено. Покрај украсените улици на градот, кои сами по себе се доволна атракција, од студот секогаш можете да се засолните во некој од затворените простори на Париз, кои исто така се украсени во божиќниот дух.
Штандовите и куќарките со храна, пијалаци и сувенири со добра причина се незаменлив дел од секој божиќен саем, така што без проблем ќе најдете освежување во Париз. Меѓу најпопуларните се издвојува саемот во центарот на градот во областа на поранешниот пазар „Лес Халес“, каде што има елка висока дури 22 метри.
Покрај тоа, главната ботаничка градина на Франција е осветлена со огромни скулптури на животни. Секоја година околу Божиќ има изложба на големи светлосни скулптури со животински мотиви, кои одлично се вклопуваат во пејзажот на ботаничката градина.

Берлин
Берлин пред Божиќ е посебно искуство, бидејќи секој посетител може да ужива во над 50 саеми. Иако во градот има голем број саеми, за туристите секогаш најпривлечни се оние во самиот центар на градот. Можете да изберете од многубројните продавници по должината на познатата градска улица, музејскиот остров и многу други локации.