Невладината организација „Хасед“, во соработка со центарот за боречки спортови „Работнички Адора“, најавува голем добротворен настан под мотото „Пееме за фит кидс“, кој ќе се одржи на 18 ноември, во „Еквилибриум деј енд најт“, со почеток во 20 часот. Ќе настапат звучни имиња од естрадата, како Игор Џамбазов, Дани Димитровска, Адриан Азири, Марија Новак и „План Г бенд“. Влезниците веќе се во продажба, а сите собрани средства ќе бидат искористени за реализација на проектот „Рекреативна гимнастика и физички развој на децата во социјален ризик“.
– Пејачи и актери ја поддржаа хуманата иницијатива на „Хасед“, во чиј фокус се децата во социјален ризик. Целта на овој проект е да се овозможи децата во социјален ризик да се вклучат во еден организиран воспитно-образовен и тренажен процес, со цел да се подобрат нивните психофизички перформанси и способности, за пред сѐ да имаме здрави личности што ќе бидат иднина на нашето општество. Иновативен спорт што ќе придонесе за инклузија со деца од биолошки семејства. Спортувајќи, децата во социјален ризик ќе се социјализираат, а со тоа ќе развиваат позитивни особини, како дружење, меѓусебно почитување, толеранција, соживот, упорност, трудољубивост, пожртвуваност, дисциплинираност и слично, што во крајна линија се придобивки што воопшто спортот може да ги искалеми уште од најрана возраст кај децата – велат од организацијата.
„Хасед“ и „Работнички Адора“ повикуваат на хуманост, заедништво и отворени срца и порачуваат заеднички да станеме општествено одговорни и да уживаме во хуманоста.
– Бараме поддршка од сите што имаат хумано срце и сакаат добра забава со градски грув низ блузот на Игор, рок-експлозија со многу љубов од Дани, комично реалната претстава на Адриан, која не смеете да ја пропуштите, настапот и водството на Марија, кое топли срца, и секако забавата што ја спремаат „План Г бенд“ во поранешнојугословенско рок-издание. Настан од сите нас за децата во социјален ризик – повикуваaт Марина Христова, претседателка на организацијата „Хасед“, и Благој Марковски, претседател на КБК „Работнички Адора“.