Страст, сомнеж, бегство од љубовта. Побарајте ја личноста што ќе ја сакате. Чувства без граници и млади луѓе што бараат среќа. Францускиот режисер Жак Одијар го претстави својот најнов филм на 74. Филмски фестивал во Кан – „Париз: љубовна приказна“, за кој беше номиниран за најпрестижната награда на Азурниот Брег – „златната палма“. Драмата за животот на модерните парижани од вчера можете да ја гледате во кината низ земјава
Емили ја среќава Камил, која пак е вљубена во Нора, на која пак ѝ се судираат патиштата со Амбер. Три девојки и едно момче – тие се пријатели, понекогаш љубовници, а најчесто и двете. Ова сентиментално урбано патување го режираше Жак Одијар, кој е познат по филмовите „’Рѓа и коска“ и „Дипан“, за кој ја доби „златната палма“ во 2015 година, додека за филмот „Пророк“ ја освои главната награда од жирито на Канскиот филмски фестивал во 2009 година. За изборот на 13-та област (во Париз) како еден центар на приказната, тој вели дека го избрал овој дел од едноставна причина, бидејќи таму живее со години и многу добро го познава.
– Тоа е делот од градот што најмногу се промени во последните десет години, се гради, архитектурата е специфична. Многу е урбано. Тоа е магично и сите раси и сите луѓе се во него заедно – вели Одријар.
Приказната следи група млади Французи, составени од Емили (Луси Жанг), Камил (Макита Самба), Нора (Наоми Мерлан) и Амбер Свет (Џени Бет), чии навидум течни и ослободени врски маскираат вистински комплексни проблеми – конкуренција, сомнежи, празнина, незрелост, егоцентризам.