Освојувањето на главната премија на лотарија е сон на секој што ја игра оваа игра на среќа. Меѓутоа, кога тој сон му се остварил на еден Индиец, неговиот живот се претворил во кошмар.

Кога неодамна освоил три милиони долари на државната лотарија, возачот од југоисточниот дел на Индија не ни претпоставувал дека само една недела подоцна ќе зажали за среќата што го снашла. Тој сега размислува да се пресели за да го избегне несаканото внимание на јавноста, бидејќи беше на насловните страници како добитник на рекордна сума на премија, пренесува „Би-би-си“.
– Бев пресреќен кога ја освоив наградата, куќата беше полна со телевизиски камери и бевме среќни – изјави победникот.

Меѓутоа, ситуацијата набргу излезе од контрола.
– Не можам да излезам од дома, не можам да го носам детето на лекар, не можам да одам никаде – се пожалил овој Индиец, додавајќи дека секое утро кај него доаѓаат луѓе и бараат финансиска помош.

Поради тоа, тој привремено ќе се пресели кај роднините. Иако сите го опседнуваат, тој истакнува дека парите сѐ уште не ги добил, но државата му ветила дека ќе му помогне да ги искористи парите на најдобар начин.